Не ги гледам ТВ дебатните емисии, но на Фејсбук ги гледам коментарите за нив

Во секој модерен дом има две машини за перење. Едната е за алишта, другата е за мозокот и се вика телевизор, смета Матевска

Препорака којашто доаѓа од пензионираната новинарка Убавка Матевска е гледањето на телевизија да се сведе на минимум. Таа има и свои причини за тоа.

 Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми и зошто?

 Гледањето ТВ треба да се сведе на минимум затоа што во секој модерен дом има две машини за перење. Едната е за алишта, другата е за мозокот и се вика телевизор. Препорачувам  за гледање во одредени периоди документарни, патеписни, образовни емисии, филмови кои немаат насилство, омраза, сплетки, завист, туку ви будат позитивни емоции. Исто така, емисии за уредување на домот, за земјоделие, како се одгледуваат билки, нивната корист, употреба…

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?

 Треба да се избегнуваат ВЕСТИ. Многу се токсични, мозочноперачки и пропагандни. Јас лично не гледам вести веќе со години. Сметам дека и дебатните емисии се исто така токсични. Не ги гледам, но на мрежите, Фејсбук и останати ги гледам коментарите за нив. Само лутина, омраза, гнев…

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

 Искрено не знам, бидејќи не ги гледам нашите канали. Онака од посредни сознанија, можеби треба скопските теми да бидат поприсутни, но тоа се е во врска со целиот систем. Кога луѓето ќе бидат покултурни, образовани, не мислам на стекнати дипломи, кога ќе се поврзани со себе си, тогаш ќе се и во врска со природата и нивното однесување ќе биде поинакво.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите

 Потребни се емисии кои ќе ја промовираат културата, документарни емисии од кои ќе се научи нешто за нас, како луѓе, кои сме, што сме, за што сме способни. Емисии со кои се поттикнува креативноста, се посочува убавото околу нас, потоа за природата, за лековитоста на се она што е во неа. Луѓето илјадници години преживувале користејќи ги нејзините благодети. А денес безмилосно се уништува во името на некаков напредок кој не чини болни, несреќни, откорнати.

Претходна вестПо еден клинец дневно да коваа Универзална сала до сега ќе беше готова
Следна вестМицкоски: Со лаги и измами, следуваат тужби