Граѓаните се навикнати на ѓубрето околу нив, па не ги засега многу јавната хигиена

 Потребни се промени во одржувањето на јавната хигиена во Скопје, како кај надлежните служби, така и кај самите граѓани, смета Петар Стевановиќ, активист во граѓанската организација „За Почиста Македонија“ кои организираат бројни акции за чистење во во македонската метропола…

Како гледате на јавната хигиена во Скопје во овој период? Дали Градот е чист, дали е нешто сменето на подобро?

– Неодамна имавме проект каде што имавме чистки во секоја општина и забележавме дека централните области на градот се подобро згрижени, како што се парковите и плоштадите на општините. Сепак, постојат области каде што е секогаш ужасно (како што е местото близу паркингот на Холидеј Ин), кои постојано и брзо се полнат со ѓубре покрај што се исчистени повеќе пати. Разочарувачки е да се види како за такво централно подрачје не се грижи надлежната општината. Неодамна поминавме покрај арената Борис Трајковски и забележавме дека зелената површина не се разликуваше од обична депонија и имаше отпад од кујнски материјали, па се до отпад од реновирање. Па така, општото подрачје во градот Скопје е сосема чисто, но проблемот е во помалите улици или напуштените широки области кои брзо можат да станат депонии ако никој не се грижи за нив.

Кои се мааните на овие служби коишто се задолжени за јавната хигиена во одржувањето?

– Немаме целосен увид во работата на службите, но ова е добра прилика да се напомене дека сѐ уште не е воведена Комунална Полиција, процес кој лебди на хартија години наназад. Комуналната полиција, за разлика од другите комунални служби би била постојано на терен казнувајќи граѓани „фатени на дело“ кои ја загадуваат околината. Нешто што е потребно бидејќи голем број од нашите сограѓани фрлаат кај стигнат без размислување. На завршување на овој процес имаат инсистирано и Зелен Хуман Град во Град Скопје, но за жал идејата сѐ уште стои заглавена во фиока.

Како се однесуваат граѓаните во однос на јавната хигиена?

– Граѓаните во поголема мера се навикнати на ѓубрето и хаосот околу нив, поради што и не ги засега многу јавната хигиена. Нажалост веруваме дека поголемиот дел од граѓаните едноставно прифаќаат дека “Такво ни е општеството“ и не се трудат нешто да променат.

А за среќа па има и такви слични на нас кои што не се откажуваат од својата мисија да го променат менталитетот на своите сограѓани и заедно да го сменат ова општество.

Па затоа ги повикуваме сите кои што сакаат да направат некаква промена во врска со јавната хигиена во градот, а и општо во државата, да ни се придружат на некои од следните Еко-акции.

Што е тоа што е ургентно потребно да се подобри за градот да биде почист?

– Дел е одговорен погоре. Другиот дел од приказната е будење на еколошката свест кај луѓето, улога која се трудиме со За Почиста Македонија делумно да ја исполниме, но менталитетот се оформува кај луѓето уште на млади години затоа потребно е на овие теми да се стави голем фокус во образованието, а од можеби поголема важност е и примерот кои родителите го оставаат на своите деца.

Претходна вестПовторно пукање во САД, убиeни три деца и тројца возрасни
Следна вестУтре се замрзнуваат и намалуваат цените на дел од хигиенските производи, подоцна и на овошјето и зеленчукот