Скопје не е преголем град, но не треба да расте стихијно и без план

На градот му е потребен далеку поорганизиран градски превоз, исклучиво лиценцирана такси служба, а посебно и најважно дисциплина во сообракајот, смета Магдинчев

За поранешниот селектор на женската ракометна репрезентација, Ристо Магдинчев, многу е важно живеењето во градот постојано да се подобрува, а за тоа сметка треба да водат како градоначалниците така и граѓаните…

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

 Роден во Дебар маало, детските игри во паркот, градската плажа на Вардар, плоштадот, убавите скопски куќи, зимите со многу снег. Незаборавните гимназиски денови во Цветан Димов“, корзата на кејот на Вардар, потоа пред Кенан.. Дневните собири пред Пелистер и презентирање на гардеробата купена во Трст. Вечерните излегувања во Езерце, Арапска куќа и култната кафеана Клуб на уметници… Спортските натпревари во парк, кошарка, ракомет, одбојка и, се разбира, фудбал и Вардар на стадион… Незаборавни моменти и слики кои тешко се забораваат.

 Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

 Скопје не можам да го сакам етапно како пред, после земјотресот и сегашноста. Го сакам подеднакво цел мој живот онаков каков е со сите свои убавини, позитивности, маани и недостатоци. Каков и да е, тоа е мој роден град.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

Скопјани сигурно  сакаат својот град и даваат и плаќаат се што е нивна граѓанска должност но бараат и возвратност, институциите и градоначалниците мора да даваат повеќе од граѓаните во секој сегмент на живеење во градот. Треба нон стоп да го подобруваат живеењето во градот, развивањето на градот со поголема динамика и правилно. Па градоначалник и за тоа се бира… татко на градот и се е кажано.

 Дали Вие доволно му дадовте на градот?

 Па верувам дека сум можел и повеќе со мојата спортска професионална кариера во ракометот. Верувам дека сум дал многу за афирмација на Скопје, како тука така и во странство. За тоа сум наградуван од спортските институции и од самиот град многу пати. Но, секој пат се може повеќе.

 Со што најмногу се гордеете во Скопје?

– Се гордеам дека сум скопјанец и дека живеам во убав град. Се гордеам што Скопје на спортска Европа и даде 3 европски титули во ракомет.. Кометал и Вардар два пати, што Скопје е на мапата на Европа со 3 европски титули. Сигурно секој скопјанец треба да биде горд.

 Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

 Не мислам дака е преголемо, секој град со текот на времето се развива и расте. Но, тоа треба да биде постепено и урбанистички поорганизирано, а не стихијно и без план.

 Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

 На Скопје му е потребен далеку поорганизиран градски превоз, исклучиво лиценцирана такси служба, а посебно и најважно дисциплина во сообракајот (автомобили, пешаци). Секоја општина мора да има спотска сала, отворен и затворен базен и парк. Многу почист град и подземни контејнери. Повеќе спортски, културни и музички манифестации и концерти со врвни изведувачи.

 Во какво Скопје сакате да живеете?

– Во модерно Скопје. Тоа да биде вистинска метропола со живот богат со културни, спортски настани, забавен ноќен живот за младите и да биде многу, многу чист и зелен град.

Претходна вестКазнети 193 возачи во Скопје, 86 за брзо возење
Следна вестАвтобусите ќе сообраќаат по неделен возен ред, жичарницата ќе работи вообичаено