Вкупно 349 „рамковно“ вработени лица кои со години седеа дома и земаа државна плата од денеска треба да почнат да одат на работа. Овие лица, кои се еден третина од вкупно 1.349 вакви вработени по овој основ, се распределени во повеќе државни институции. Повеќето од нив – 143, се распределени во МВР, а останатите во Царинската управа, УЈП, Агенцијата за вработување. Меѓу нив има од сите етнички заедници – претежно за Албанци, но и има и Роми, Македонци, Срби и Турци.
За две недели се очекува и останатите да ги подигнат решенијата и ќе одат на работа каде што се распределени.
„Рамковни“ вработувања се правени врз основа на Охридскиот договор со кој е предвидено да се обезбеди соодветна и правична застапеност на етничките заедници во државните служби.
Колку овие лица ќе бидат продуктивни односно ќе влезат во вистински работен ритам, ќе се види наскоро.