По иницијатива на Левица Велес ќе ги враќа моштите на Панко Брашнаров

Едногласна одлука да се започне иницијатива за враќање на моштите на македонскиот револуционер, народниот учител Панко Брашнаров вчера донесе Советот на Општина Велес на предлог на советничката група на Левица.

-Панко Брашнаров, човекот кој беше генерација и соученик на велешките гемиџии, сведок на двата Илиндена, човекот кој целиот се посвети на ослободувањето на Македонија и голем дел од својот живот го помина по затвори поради својот патриотизам и идеализам и кој поради својата борба за македонската кауза остана патриот вљубеник во Македонија, без свое семејство и потомство, велат од советничката група на Левица, по чија иницијатива беше изгласан предлогот.

Иницијативата на Општина Велес подразбира реализација на низа мерки и активности со кои ќе се овозможи враќање на посмртните остатоци на првиот претседавач со АСНОМ, Панко Брашнаров, од Република Хрватска во Република Македонија, односно во родниот Велес.

Брашнаров е роден на 9 август 1883 година во Велес и е познат македонски национален деец и најстар пратеник на Првото заседание на АСНОМ, прв претседавач на Заседанието и прв потпретседател на АСНОМ, прв повереник на првата привремена влада на Македонија и иницијатор за формирање на првата новинска агенција на Македонија, најблизок соработник на Методија Андонов – Ченто. Почина на 13 јули 1951 година во комунистичкиот логор на Голи Оток, во Хрватска, каде долго време не му се знаеше место на почивање, но и откако беше откриено дека останките почиваат во заедничка гробница во Загреб, до денес ништо не е сторено за пренесување на неговите останки во Македонија.

По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија во текот на Втората светска војна, Брашнаров од 1943 година се поврзува со партизаните. Во мај 1944 година преминува на слободна територија и станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.

По ослободувањето на Македонија, на 26 ноември, во ослободеното Скопје, на Првата конференција на Народноослободителниот фронт на Македонија е избран за негов потпретседател. Реизбран е во Президиумот на АСНОМ на Второто заседание на АСНОМ во декември 1944 и на Третото заседание во април 1945 година.

Брашнаров е уапсен на 11 декември 1950 година и на 29 јуни 1951 е осуден на „општествено полезна работа во траење од 24 месеци.“ Во првите денови од јули е испратен во логорот на Голи Оток, каде што набрзо, на 13 јули, умира.

Шест децении не се знаеше каде се погребани неговите посмртни останки.

Во септември 2011 година, новинарска екипа го пронајде гробот на Панко Брашнаров на градските гробишта Мирогој во Загреб. Неговите посмртни останки доживеале две ексхумации. Во 1953, две години по неговата смрт на Голи Оток, тој е погребан на загребските гробишта. Во 1971 година е ексхумиран во заедничка гробница, во близина на првото гробно место, а во почетокот на осумдесеттите, неговите коски, заедно со коските на уште неколкумина негови современици се преместени на необележана гробна парцела, на крајот на гробиштата.

Претходна вестАнтикорупционерите ќе проверуваат како биле издадени дозволите за хидроцентрала на внукот на Али Ахмети
Следна вестГраѓаните од Карпош реагираат: Зелениот појас кај булeвaрот „Мит. Теодосиј Гологанов“ Стевче Јакимовски планира да го насади со згради