Длабоко навлеговме во декември, месецот кога власта требаше да подготвува црвени ленти и ножици, кога требаше трубачите да се извежбани за ора свирење, кога требаше да е напишан славеничкиот говор, кога требаше да се одбере тунелот во кој на големо ќе се слави почетокот на движењето по новиот автопат Кичево – Охрид. Ама…
Еве, дваесетина дена пред истекот на рокот (за завршување на градбата) кој е даден на изведувачот – кинеската компанија „Синохидро“ нема ни најава од власта што ќе се прави понатаму. Патот не е ни блиску од готов, а дојде и крајот на четвртото продолжување на рокот за градбата на автопатот долг 57 километри започнат пред 10 години. Ќе се прекинува ли договорот со кинеската фирма, ќе се продолжи ли, ќе се бара ли нов изведувач? До изведувачот ли е или друг е проблемот? Околу ова нема абер од Владата, молчат од Министерството за транспорт и врски.
Нели беше најавена некаква си ревизија? Завршена ли е?
Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и урбанизам Благој Бочварски на почетокот на минатиот месец најавија дека ќе се прават ревизии, како од независен експерт, така и од државните ревизори за да се види што се е направено и како понатаму. Се знае само дека проблемот се појави врзано со 11 свлечишта и косини, а требало да се санираат. Години минуваа, а причината за застојот била во лошото проектирање, лошата проценка на состојбата на теренот, во ово – оно…
Но, еве и крајниот рок што сами си го поставија – декември – истекува, а не само што патот не е готов туку ни од ревизиите нема најава дека се завршени. Со тоа нема ни предлог дали изведувач и натаму ќе остане кинеската фирма и за колку време уште би се продолжил рокот за завршувањето. А она што ќе биде предложено треба да помине и преку македонското Собрание за да биде одобрено од пратениците. Тие досега веќе четири пати ги продолжувале роковите за градба која од предвидените 374 милиони евра сега нарасна на предвидените 598 милиони. Новата одлука, извесно, ќе значи и потреба од нови средства, нови продолжувања на роковите.
Сега, пак, е прашање и како сето тоа ќе се изведе бидејќи веќе се договорени и изборите во мај и што значи дека парламентот ќе се распушта, а дотогаш е прашање дали ќе смее да се носат толку тешки одлуки кои ќе повлечат нови финансиски обврски и задолжувања на државата?
Излегува дека завршетокот на автопатот Кичево до Охрид не е ни на повидок, но, за жал, го нема ниту излезното решение кое власта требаше да го има одамна.
А се сеќавате ли кога премиерот на еден поодамнешен митинг го повика министерот Бочварски да стане за сите присутни да го видат дека тој е одговорниот за автопатот да биде готов до декември? Голем аплауз тогаш доби…