Ветување дека од април ќе им се покачи платата по денешниот протест пред Министерството за здравство добија лекари специјализанти. Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти, информираше дека на денешната средба во Министерството за здравство им било кажано дека МЗ ќе испрати информација до Владата и до ФЗО, да постапуваат согласно веќе донесените одлуки и веќе од наредниот месец да биде коригирана платата на приватните специјализанти.
– На средбата се виде одлуката, врз која всушност се исплаќаат надоместоците за приватните специјализанти од 2018 година. И во неа, како одлука на Влада, децидно стои дека платата на приватните специјализанти треба да е во висина на плата на општ доктор за дадена година, рече таа.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа додаде дека износот на просечна плата на општ доктор сега е околу 44.000 денари.
– Ние треба да ја земаме таа плата според владината одлука, истакна Георгиева.
Добиле и ветување дека ќе бидат и здравствено осигурани.
– Околу трансформација на договор на дело – во договор на неопределено, добивме информација дека всушност 1.117 согласности пристигнале од Владата во месец февруари, но, не биле реализирани поради оној мораториум што го налага изборниот период и фактот, дека не можат да бидат отворени конкурси за вработување. Беше дадено ветување за масовни конкурси отворени во јавно здравствените установи по завршувањето на изборниот циклус. Ние дадовме забелешка, баравме да има измена на законот во критериуми за вработување – да биде дадена предност на колегите на специјализација, бидејќи сега таков критериум не постои, подвлече таа.