За нови рестриктивни и превентивни мерки ќе решава денеска Комисијата за заразни билести по вчерашниот рекорден број на новозаболени од корона вирусот од 535 лица. Министерот за здравство Венко Филипче синоќа изјави дека тие би вклучувале рестрикција на јавниот превоз, ограничување на работа на угостителски објекти, одредени економски субјекти, компании и секаде каде што се смета дека има ризик. Дел од мерките може да се таргетирани во некои општини, некои може да важат на територијата на целата држава. За воведување полициски час тој рече дека лично смета дека во овој момент е сè уште рано, но во даден момент и тоа може да биде предложено.
-Еден од најдобрите параметри коишто ги следиме е капацитетот во болниците. Иако има слободни места, капацитетот се исполнува. Само претходниот ден имаше голем број на приеми. Во функција е модуларната болница со дополнителните тимови. Болницата во Козле, исто така, е спремна. Но, гледаме дека се исполнуваат капацитетите и согласно со тоа можно е да предложиме и дополнителни рестрикции, рече министерот за здравство.
Поради зголемениот обем на работа на епидемилозите во последните денови доцнат и статистиките и се објавуваат навечер. Затоа ќе се ангажираат и студентите од шеста година на Медицинскиот факултет да помагаат во центрите за јавно здравје за правење на епидемиолошките анкети.
Проблемот со чекањето за тестирање на сомнителните и со симптоми треба да биде надминат со брзите тестови, во наредните денови се очекува донација од 7.500, а ќе се набавуваат и со пари од заемот од Светска банка.
-За училиштата засега не се размислува за предвремен зимски распуст, зашто е мал бројот на заразени деца во градинките и училипштата и во изолација се одреден процент. Но може да се смени функционирањето на наставата со физичко присуство за одредена општина или регион според епидемиолошката состојба, најави министерот за здравство.