Аеродром е најурбаната, најсредената општина во Скопје. Вака се фалат аеродромци пред останатите скопјани. Додуша вака мислат и во раководството на општината.
Ама, само ако се тргне во најстрогиот центар на Аеродром, позади трговскиот центар „Капитол Мол“ ќе се види малиот плоштад во кој главна слика е: расклатени плочки опасни за одење, фонтани во кои се добира ѓубре, изместени решетки за собирање вода, подисушена вегетација, прашина, кал, бездомни кучиња…
Така е веќе со години откако пред неколку децении е направен овој простор замислен како мини-плоштад меѓу станбените згради. Се редеа градоначалници, ама никој не најде сила да ги поправи работите.
Сепак, пред цели 16 месеци, во октомври 2022 година, надеж дека нешто ќе се смени даде актуелниот градоначалник на Аеродром Тимчо Муцунски.
–Наскоро почнуваат градежните активности за целосна реконструкција и модернизација на просторот зад „Капитол мол“, со што аеродромци ќе добијат уште еден нов плоштад во срцето на Аеродром, објави тогаш градоначалникот, посочувајќи и фотографии како ќе изгледа новото решение.
Ама, еве толку време проврве но го нема ветеното хортикултурно и партерно уредување на целиот простор со вкупна површина од 5.000 квадратни метри. Ја нема реконструкцијата на старите и дотраени плочки и ветените нови современи канделабри, светла со димери, како и нови клупи, канти и друга урбана опрема.
Кога сето тоа ќе се направи? Што општинската власт подразбира под зборот – наскоро?