Почнува ли конечно посериозното снабдување со вакцини?

Дали конечно ќе почне посериозното снабдување со вакцини во Македонија? Ова е прашањето кое си го поставуваат граѓаните по вчерашното пристигнување на 10.530 вакцини на производителот „Фајзер“.

-Станува збор за 10.530 дози од вакцината Фајзер, кои веќе од среда ќе бидат распределени по вакциналните пунктови во државата, информираа од Министерството за здравство.

Втората пратка од „Фајзер“ со уште 10 илјади вакцини треба да пристигне на 26 април, со што нашата држава треба да добие вкупно околу 20.000 вакцини од овој производител. Кон крајот на април треба да дојдат и 200 илјади кинески вакцини, а вакцинирањето ќе продолжи по истиот систем како и до сега односно по возрасни групи.

Напоредно со ова, министерот за здравство Венко Филипче, со претставници од Министерството за здравство, денеска ќе заминат во официјална посета на Белград каде ќе се сретнат со српскиот министер за здравство Златибор Лончар и со директорката на Институтот за вирологија, вакцини и серуми „Торлак“, Вера Стоиљковиќ.

-Ќе имаме разговор за повеќе битни теми во делот на нашата соработка и надвор од прашањата за вакцините, таа соработка која ја имаме во размена на експертизата, нивни експерти тука во делот на гинекологијата, неонатологијата, кардиохирургијата и за некаков стратешки план за набавка на вакцини од „Торлак“. Во овој момент не ни се потребни вакцини, но гледаме како се одвива работата со пандемијата, има разни најави, не можеме да претпоставиме како ќе се одвива и сметам дека е најлогично решение Институтот „Торлак“ да ни биде стратешки партнер во делот на набавка на вакцините понатаму кога ќе треба согласно тоа како ќе се одвива пандемијата, изјави минатата недела Филипче.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, неодамна објави дека првите дози на руската вакцина „Спутник V“ од институтот „Торлак“ ќе бидат пуштени во употреба помеѓу 5 и 10 јуни и додаде дека верува оти Србија самостојно ќе ја произведува вакцината пред крајот на годината.

Македонија не може да се пофали со вакво нешто какво што прави Србија, не може да се пофали и со снабдување со вакцини од разни производители какво што направи Србија, но да се надеваме дека барем нема повеќе да бидеме принудени да заминуваме во Србија и таму да се вакцинираме.

Претходна вестПешачки премин во тревник, велосипедска патека со бетонски пречки – кој ги црта плановите во општините?
Следна вестГлавните пунктови на македонската ликовна уметност во 70-те и 80-те години изложени во МСУ