Подготви ли Ковачевски добар терен за да свика успешна лидерска средба?

Парламентарните политички партии денеска ќе ја добијат поканата од премиерот Димитар Ковачевски за лидерска средба на којашто требало да се разговара за европската иднина на Македонија. Премиерот замислил дека средбата треба да се одржи во понеделник, во македонското собрание.

– Средбата која ја свикува претседателот на Владата, Ковачевски се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус, соопшти вчера владината прес-служба.

Ова е прва покана за одржување на средба на првите луѓе на парламентарни политички партии која ја упатува премиерот Ковачевски. Што зорт има штом сака да седне на една маса и со партии на кои неговиот СДСМ секојдневно фрла со дрва и камења? 

Очигледно е дека откако македонската влада го прифати контроверзниот француски предлог за кревање на бугарското вето за почеток на преговорите за членство во ЕУ, сега и треба консензус за уставни измени. Преземена е обрска од СДСМ и ДУИ промените на уставот да бидат во периодот на започнат скрининг-процес кој ќе трае 14 месеци. Зошто Ковачевски брза и дали добро процени дека направил добар терен за да биде прифатена неговата понуда? Ги уважуваше опозициските мислења и апели до сега?

Премиерот и минатата недела ги повика политичките партии да седнат на маса и да најдат заеднички јазик, нагласувајќи дека според него добро е да се разговара за уставните измени со цел да се дојде до решение кое би било прифатливо за сите. Меѓутоа, прашање е дали ова ќе биде прифатено од редовите на опозициските партии.

Од ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека главна тема на лидерска средба би требало да биде за предвремени парламентарни избори бидејќи е очигледно дека „Владата нема доволно стабилност, ниту во оваа ситуација не може да ги реши кризите, да донесе закони и да собере кворум за дискусија по истите“.

– Што се однесува до поширок општествен консезус ситуацијата личи на онаа народната крчма без крчмар, разговори требаше да има пред да се потпишат уценувачки договори кон Македонија, а не да се ветува нешто што не можат да испорачаат. Ако тогаш се воспоставеше јасна и цврста црвена линија, се ќе беше поинаку, истакнуваат опозиционерите.

Од друга страна, деновиве и претседателот на државата Стево Пендаровски изјави дека не треба да се брза во процесот на уставни измени за вметнување на Бугарите во преамбулата на Уставот затоа што има 14 месеци до завршувањето на процесот на скрининг.

– Имаме 14 месеци скрининг. Не мислам дека тоа треба да биде апсолутен политички приоритет број еден. Ние имаме толку многу реформи со скрининг да ги детектираме и поправиме и кога ќе дојде време на крај тој процес тогаш ќе прашаме во Парламентот имаме ли сега двотретинско мнозинство. Суштински е во тој процес да не се оди со главата нанапред без да се мисли каде евентуално може да удриме. Не би сакал ни случајно, ниту како граѓанин, ниту како претседател да видам процеси слични на усвојувањето на Преспанскиот договор, изјави Пендаровски минатата седмица.

Ковачевски го слушна ова мислење? Премиерот нема други многу поважни теми во овој момент кои треба да се расправаат на лидерска средба? На пример: економската криза, енергетската криза, вистинската реформа на администрацијата…

Претходна вестАвтобусите на „Макекспрес“ и денеска не сообраќаат поради неисплатен долг од ЈСП
Следна вестЛевица: Нема отчет за кредитот од 21,5 милиони евра што го зема екс-министерката Царовска