Подобро нови избори отколку Македонија да биде губитник од уценето владино мнозинство

Влегува ли Македонија во политичка криза? Два дена пред истекот на рокот за давање на мандатот за формирање на нова влада, договор на потенцијалните партнери се уште нема. Јасно е дека многу нешта „чкрипат“ во преговорите меѓу СДСМ и партиите од албанската етничка заедница, првенствено со ДУИ. 

Течат преговорите, штуро ни пренесуваат од посочените партии. Но, граѓаните се прашуваат, дали при тоа ќе се направат нови преседани во политиката и политичкиот живот кои ќе ја поткопаат демократијата во Македонија.

-Почнувам да имам страв што се може да побараат од ДУИ, а што се може да им удоволи Зоран Заев само за да биде на власт. СДСМ овој пат мора да мисли малку повеќе на државата отколку на себе. Ако не иде работата во нормален правец, тогаш е подобро да има нови избори отколку Македонија да биде губитник од крпени коалиции, ни пишува Владо, наш редовен читател.

Останува да се види до петок, а и малку подоцна, додека тече мандатот на мандатарот кој шефот на државата денеска најави дека сепак ќе го даде.

За скопјани е крајно неприфатливо да се воведе и ново хибридно правило за поставување-избирање премиер. Оние кои ни пишуваат – нагласуваат дека во таков случај зошто би биле изборите, ако се договараат на маса, а не според одлука на избирачите.

-До сега бевме сведоци како се попушта на разни полиња и како со тоа се менува карактерот на државата, како се остстапува од државните интереси. Такво нешто сега треба да запре оти одиме во крајност со која ќе се смени карактерот на државата, изјави неодамна за „Скопско ехо“ скопјенцот Зоран Радовиќ.

Не смее веќе да има компромиси на штета на Македонија. Сето ова, само ќе се надоврзе на сите попуштања кои до сега се направени на меѓународен план, со договорите со Грција и со Бугарија, со промената на името на државата… тогаш е јасно дека прифаќањето на новите уцени и хибридни решенија само заради власт, уште повеќе ќе ја сменат и ослабнат македонската држава за која токму СДСМ уверува дека ја јакне.

Пред два месеци уверуваа дека Македонија е во криза и мора да има избори. Можеби и сега почнува криза заради која повторно треба да има избори?

Претходна вестЗагина 16-годишно момче, а тројца се повредени во судар на мотоцикли
Следна вестМожно е одложување на почетокот на учебната година