Полицајци избркани од вооружeни арачиновци, опозицијата бара оставки

Полициска патрола била избркана од Арачиново откако се обидела да запре возило управувано од лице кое не поседувало документи. Настанот се уште не е потврден од официјални извори, но веќе има реакција од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ која побара оставка од Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

– Криминалци бркаат полицајци. Упаѓаат вооружени во полицијата во Арачиново и полицајците бегаат, биле избркани од полициско одделение. Нема друг таков случај во светот. И Спасовски и МВР повторно се обидува да забошотат и премолчат случајот. Вооружени лица блиски до власта, влегле со закани во полициско одделение во Арачиново, а четворица полицајци добиле наредба од претпоставен да се повлечат од полициски пункт и од Арачиново да се повлечат во Гази Баба, само затоа што е направена контрола, сопреле возило, без валидни документи. Спасовски мора да замине од МВР, затоа што по 7 негови години, криминалот цвета, полицајците се цел на потсмев, а полицијата е логистика на белосветската мафија, изјави потпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Претходно за случката во Арачиново информираа и некои медиуми. Според нив доцна синоќа полициска патрола била протерана од скопско Арачиново од вооружена група откако претходно се обидела да запре возило кое било управувано од лице што не поседувало документи.

Откако било сопрено лицето упатило навреди кон полициските службеници, по што побегнало од местото на настанот. Веднаш потоа се појавила вооружена група која ги присилила полицајците да го напуштат пунктот, а потоа и да се повлечат кон полициската станица во Гази Баба, пренесуваат неофицијално МКД.мк и Телма.

Настанот не е официјално потврден, бидејќи како што пренесуваат овие два медиуми тој не бил ни пријавен во полицијата.

Претходна вестЈУНАЈТЕД ГРУП станува членка на алијансата за одговорно работење
Следна вестДоговорен нов колективен договор, извесно и покачувањето на платите на УКИМ