Договорен нов колективен договор, извесно и покачувањето на платите на УКИМ

Потпишување на нов колективен договор и нови разговори околу висината на покачувањето на платите се договорени на денешната средба меѓу синдикалната организација на Универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје и претседателот на Собранието, Талат Џафери. Најавата е дека нов колективен договор ќе се потпише пред Нова година, а средбата за определувањето на износот на покачувањето на платите на наставниот и ненаставниот кадар ќе се одржи на 9-ти декември. Барањето на синдикатот на УКИМ е покачувањето да изнесува 25 отсто на годишно ниво во наредните четири години. Но, тоа ќе се допрецизира на средбата на којашто ќе присуствува и министерот за финансии Фатмир Бесими.

-Ова е голема вест, радосна вест за вработените на најстариот и најголем универзитет. Успеавме да дојдеме до ветување дека конечниот договор ќе биде потпишан најдоцна до 29 декември, со тоа што на 9 декември ќе имаме средба со министерот за финансии да видиме како стои нивното размислување и просторот во однос на нашите барања за 25-процентно покачување во наредните четири години. Доколку не наидеме на разбирање тогаш Собранието, како највисок законодавен орган претставувано од неговиот претседател, ќе го потпише нашиот колективен договор, изјави Ангел Ристов, првиот синдикалец на УКИМ.

Колективен договор што треба да биде потпишан ги застапува интересите на 2400 вработени, поголем дел се наставен кадар односно професори, но и ненаставен кадар кои се повеќе од илјада.

Адвокатката Мимоза Салтирова, помирувач во решавање на работниот спор меѓу Синдикатот на УКИМ и Собранието како основач на Универзитетот рече дека ќе се види каква ќе биде финалната проекција во однос на покачувањето на коефициентите. Доколку на следната средба не се најде решение за обезбедување на финансиите, рече таа, во тој случај претседателот на Собранието има дискрециско право да го потпише колективниот договор онака како што бара Синдикатот.

Претходна вестПолицајци избркани од вооружeни арачиновци, опозицијата бара оставки
Следна вестДиректорката на училиштето во Петровец денеска го видела и пријавила вчерашниот мејл со дојава за бомба