Средношколците денес полагаат прв тест од државната матура, се полага тестот по мајчин јазик

Средношколците кои годинава завршуваат четврта година денеска го полагаат првиот тест од државната матура. Како што беше посочено од Министерството за образование и наука, средните училишта во државата се подготвени за спроведување на државната матура, која почнува со полагање на тестот по мајчин јазик.

Учениците годинава ќе полагаат во поголеми простори односно во холовите и спортските сали во состав училиштата каде го завршуваат средното образование или, пак, во најблиското училиште каде има соодветни услови согласно новиот правилник на Државниот испитен центар.

– Согласно Концепцијата за матура и завршен испит, учениците полагаат два екстерни предмета, два интерни предмета и подготвуваат проектна задача. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик и тој се полага утре. Следниот испит ќе биде на 8 јуни, а прелиминарни резултати ќе има најдоцна на 8 јули, по што ќе следува можноста за поднесување приговори, наведува МОН.

Државната матура се спроведува од 2008 година како законска обврска и услов за упис на факултет.

Речиси 15 илјади ученици што завршуваат средно образование, денеска ќе го полагаат првиот од двата екстерни испита од државната матура – мајчин јазик и литература.

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), организатор на полагањето на државната матура, пријавени се 10.088 кандидати за испитот по македонски јазик и литература, 4.189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература.

Вториот (изборен) екстерен испит ќе се полага на 8 јуни. Пријавени се 1.356 кандидати за математика, 13.198 за англиски јазик, 37 за француски јазик, 114 за германски јазик, 84 за естетика и по еден кандидат за руски јазик и за филозофија.

Според видот на образование, 6.341 матуранти се од гимназии, 8.230 од стручно и 263 од уметничко образование.

Тестирањето за двата екстерни испита, денеска и наредната сабота, ќе почнува во 10 часот. Полагањето ќе го надгледуваат околу 2.000 тестатори – наставници кои се ангажирани во други, а не во своите училишта, како и околу 200 набљудувачи од ДИЦ, Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука и од Центарот за стручно образование и обука.

Претходна вестСончево и топло со мала до умерена облачност
Следна вест114 сообраќајни санкции во Скопје, 14 лица возеле без дозвола, седуммина поминале на црвено…