По осум дена без вода кумановци добија безбедна вода за пиење откако на 29 мај годинава Агенцијата за храна и ветеринарство ја издаде потребната потврда за исправноста на водата.
– Добиени се задоволителни резултати од тестирањата во однос на физичко – хемиските и бактериолошките параметри, односно водата од кумановскиот водовод е безбедна за пиење, поради што АХВ ја укинува забраната за нејзина употреба која беше донесена на 23 овој месец, соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство.
И Центарот за јавно здравје Куманово информираше дека резултатите од анализите направени на 25, 26, и 27 мај покажале дека водата е безбедна за граѓаните.
– Резултатите одговараат на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри, согласно правилникот за безбедност на водата за пиење. Водата е безбедна за пиење, кажа специјалист доктор Блерта Шаини Азизи.
Граѓаните здивнаа, не мораа веќе да купуваат флаширана вода за пиење. Општата болница повторно примаше пациенти, објектите од детската градинка и домот за стари лица како институции веќе не мораа да набавуваат вода за најмалите и највозрасните.
Невремето во липковскиот регион се случи на 21 мај годинава. Пороен дожд и град ги уништи земјоделските култури, предизвика штети на куќи во оваа општина каде се сместени браните Липково и Глажња од каде со вода се снабдува Куманово. Утредента на 22 мај, јавното претпријатие „Водовод“ ги извести граѓаните дека утрото во 05 часот е затворен доводниот цевковод од Липково, и водата со зголемена матност се испушта во канализациската мрежа. Зголемената матност на водата ја забележале вработените во одделението за водоснабдувачки објекти во Фабриката за вода (Филтер станица) кои евидентирале дотур на вода од хидромелиоративниот систем Липково-Глажња со зголемена матност.