Основниот суд во Охрид го прифати предлогот на обвинителството и им одреди притвор на бизнисменот и советник во општина Охрид од редовите на ДУИ, Нефи Усеини и на неговиот брат заради претепување на охриѓанецот Спирко Топаловски. Но, и двајцата се се уште недостапни на полицијата која ги бара за да бидат ставени во осумдневен притвор. Во нивните домови завчера е извршен претрес по што продолжиле мерки за нивно пронаоѓање.
СВР Охрид до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Усеини и неговиот брат поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „насилство“ и „неовластено држење на оружје или распрскувачки материјали“ за инцидентот што се случи во хотел во центарот на Охрид, каде беше нападнат охриѓанецот Спирко Топалоски.
Според тврдењата на Топалоски, советникот Усеини го удирал со пиштол по главата, а истиот пиштол бил вперен и кон неговиот 14 годишен син.
Усеини вчера ги демантираше тврдењата на Топалоски и рече дека не носел пиштол туку дека имало вербална расправија на која паднале само 2-3 шлаканици. Но, снимките на камерите во хотелот потврдија дека сепак било употребено оружје во целата драма која се случувала на сред бел ден .
Ова не е првиот и единствен инцидент во кој главен актер е советникот Нефи Усеини. Лани против него обвинителството отвори предмет и за напад врз инспектор кој бил спречен да изврши увид на градбата кај чинарот, а потоа беше пријавен и во полиција дека го претепал и советникот Џелал Мена и професорот Илјаз Илјази.