Попишувачите може да се вакцинираат веднаш, но одложувањето на пописот зависи од средбата Заев – Мицкоски

Попишувачите ќе влезат во приоритетната група за вакцинирање, а одлуката дали пописот ќе се одложи за некое време, е политичка одлука, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој рече дека има план за обезбедување приоритетни вакцини за попишувачите, а Заводот за статистика денеска треба да достави список, кој од тие 5.050 лица сака да се вакцинира.

На прашањето, дали тоа би го одложило пописот во Македонија, Филипче одговори само од медицински аспект истакнувајќи дека се потребни две недели за да се развие имунитет, но дека одложувањето е политичка одлука.

Дека е можно одложување на пописот за извесно време, денеска објавија и некои медиуми, повикувајќи се на информации од преговорите што се водат меѓу лидерите на двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Мицкоски.

Наводно, на нивната средба која е во тек можно е да донесе одлука дали тоа одложување би било за еден или за два месеца односно, пред да бидат распишани годинашниве локални избори.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ постојано бара одложување на пописот, или за септември, а локалните избори да се поместат за ноември, или пак да остане за следната година ова време.

Претходна вестСостојба во ковид-центрите: 1.537 пациенти во цела држава, во Скопје 48 нови за 24 часа
Следна вестМакедонец во кома откако бил вакциниран во Ниш- причините засега непознати