Постојат механизми со кои ЕУ може да реагира за Бугарија да отстапи од барањата

Со историчарот-професорот Тодор Чепреганов зборуваме за последиците од бугарското вето кон Македонија, за македонската историја, што понатаму… 

Каква порака ни испрати Бугарија со ветото за почеток на преговорите со ЕУ?

-Пораката е многу јасна: додека не ги исполните нашите барања за ваше тотално обезличување и давање на некоја писмена цврста гаранција дека тоа ќе го реализирате нема почеток на преговори. Ни малку пријателски ни малку добрососедски. Добивме вето кое сигурно не погоди сите. Како што е неуспех за македонската политика дипломатија така е и за македонските граѓани. Повредени и со горчина мора да го голтнеме и ова апче како и многу до сега. Ништо од договорот за пријателство и добрососедство. Очебијно македонскиот премиер Заев, различно го поима терминот братски со бугарскиот премиер Борисов. Во политиката нема братство има само интерес, и само интерес. Бугарските политичари тоа одамна го сфатиле. Во историјата склучувале многу братски договори и договори за вечно пријателство и сите ги погазиле. А знаете зошто?! За Македонија. Не можеле никогаш да одолеат на тој предизвик да ја имаат. И секогаш губеле. И денес повторно доаѓаат „по своето“ што некој им го ветил и потпишал (во некоја еуфорична состојба), а сега најден во небрано по огромниог број реакции во македонската јавност не може да го испорача. Затоа што се работи за работи за кои не се дискутира идентитет, историја, јазик и култура. И сега повторно од почеток. Демек, нашиот премиер вели, тоа не го мисли „мојот брат“ Борисов. Не го мисли, но го прави. Тој ги брани националните интереси на Бугарија. А што брани нашата политичка елита?

Неодамна ни рековте дека нашите политички елити им помагаат на Бугарија во нејзините планови…

– Да преговараш за сопственото разнебитување и тоа да го претставуваш како врв на успешна политика и дипломатија навистина е надвор од памет, а уште повеќе што си прифатил да исполниш нешто што не може да се исполни. Се покажа дека со вака водената македонска политика и дипломатија не се оди во Европа. Во преговорите наместо сервилност и виткање на кичма треба самопочит и достоинство. Не бараме сожалување туку взаемно почитување и респектирање на различностите. Формиравме историско образовна комисија која треба да отвори пат за заедничко чествување и за заедничка историја. Комисијата се става во служба на политиката и од неа како да се очекува аргумети за оправдување на политичките барања. Прашувате како политичката елита и помага на Бугарија во разнебитувањето на македонскиот идентитет.

Па еве на пример премиерот Заев и претседателот Пендаровски зборуваат за некаква „заедничка историја, заедничко минато“ со Бугарија. Ова тврдење нашите политичарите (кои не се историчари) продолжуваат да го поддржуват и покрај писанијата на научните работници, базирани на повеќедецениски истражувања, како и реакциите на македонската јавност, дека единствена заедничка историја со Бугарија е времето кога сме биле под нејзина окупација, кога ги користеле војните да навлезат во Македонија и да воспостат своја окупациска власт. Тоа не е заедничка историја, тоа ја покажува различноста, тие, Бугарија, на страната на наци -фашизмот, а ние на страната на антифашистичката коалиција. Мислам дека Бугарија самата никогаш нема да попушти во своите намери, бидејќи и самата е свесна дека ова е последната шанса да го оствари неиживеаниот сон дека Македонците се Бугари и дека се до 1944 година сме имале заедничка историја, а потоа настанало делењето. Фразата дека тие го почитуваат правото на самоопределување е чиста фарса, бидејќи тоа право го одредуваат тие кажувајќи дека сме креирани во 1944 година од Тито.

 Што Македонија треба да прави по ова вето, во кој правец да делува?

– Македонската дипломатија треба да стане по проактивна во однос на барањето на пријатели кои би ја поддржале во нејзините тежненија да стане дел од ЕУ. Во однос на Р. Македонија, на нејзиниот пат кон ЕУ, погазени се сите европски стандарди на кои почива Унијата. Незамисливо е да се откажете од идентитетски белези за да влезете во било која организација. Ако тоа апче го голтнавме со промена на името за влез во НАТО изгледа дека ова сега што го бара Р. Бугарија ќе биде премногу и сигурно дека оние кои ќе го направат тоа може да бидат осудени за велепредавство.

 Дали ЕУ требаше да реагира подиректно бидејќи се засегнати елементарни цивилизациски вредности?

-На секој еден кој што добро ја познава историјата сосема му е јасно дека во овој случај нема ништо случајно. Солидарноста меѓу членките изгледа никој не сака да ја наруши и затоа најдобро решение е членката кандидат да се „уценува“ до изнемоштеност додека не го прифати она што од неа го бара земјата членка. По секоја цена за нив единствено е важно да се зачува единството. А за жал Р. Македонија е мала држава, не игра некоја голема улога во меѓународната политика, а и низ историјата Р. Бугарија била сојузник со многу од нив во војните. Тоа, сигурно не се заборава. Молчењето на ЕУ е само знак дека тие ги поддржуваат барањата на Р. Бугарија како што ги подржуваа барањата на Р. Грција, само за мир во куќата. А сигурно дека постојат механизми со кои членките на ЕУ можат да реагираат и да ја принудат Р. Бугарија да отстапи од своите барања.

Претходна вестКазни за 299 возачи, 23 возеле неисправни возила, 29 зборувале по мобилен телефон…
Следна вестВо ковид центрите во Скопје за 24 часа се хоспитализирани 52 пациенти, има 70-тина слободни места