Посветена на спомените на скопскиот земјотрес и на Ацо Шопов: Изложба „Скопски урбани приказни: Во пет и седумнаесет“

Голема изложба со наслов „Скопски урбани приказни: Во пет и седумнаесет“, инспирирана од истоимениот текст на Ацо Шопов, по повод 60 години од скопскиот земјотрес и сто години од раѓањето на Шопов, ќе биде отворена од денеска до 9 јули. Изложбата ја организира Друштвото на ликовни уметности (ДЛУМ) за одбележување на овие два значајни јубилеја и е дел од програмата на Скопско лето.

Отворањето ќе започне во КИЦ во 17 и 17 часот, во паркот и продажната галерија, каде ќе бидат поставени дела од 10 уметници, потоа движењето продолжува кон Францускиот Институт Скопје – излог галерија, каде се поставени дела од 2 уметници, продолжува кон приватната галерија ГРАЛ – мала галерија и билборд пано, каде се поставени 7 уметници, движењето продолжува кон улицата ,,На липите”, во Дебар маало (Буњаковец), со објект инсталација од еден уметник и движењето завршува кон градската кафеана ,,Пелистер”, каде ќе бидат поставени 2 уметници и како гости на овој проект ќе учествуваат соработници од училиштето ,,Партенија Зографски”, каде текстот на Ацо Шопов, ,,Во 5 и 17″ ќе го презентираат на видео на знаковен јазик.

Изложбата ќе се одвива во периодот од 3 јули – 9 јули 2023, со почеток и отворање токму во 5:17 (17.17) часот се до вечерните часови, а изложбите ќе бидат достапни за посета во работното време на институциите секој ден, се до 9 јули.

Текстот на Шопов, кој почнува со зборовите „на дваесетишести јули илјададеветстотинишеесетитрета, во пет и седумнаесет, загина градот на Вардар“, им беше даден на уметниците за размисла.

– Овој текст бил прочитан во минатото во повеќето земји на југословенските простори, а и во земји од каде ќе дојде до нас таа солидарна емпатија. Не смееме да го заборавиме овој запис, овој текст. Ние таа солидарност знаеме да ја покажеме, но заборавивме да ја испочитуваме во оваа современост. Уметноста опоменува, уметниците учествуваат во издигањето на критичката мисла, ја имаат можноста визуелно да ја шират емпатијата кон својот град, љубовта кон своите сонародници, а тоа треба да се забележи, да се впие, да се испочитува, изјави кураторката Дијана Томиќ-Радевска.

Учествуваат уметниците: Марина Лешкова, Вана Урошевиќ, Нина Гештаковска, Жанета Вангели, Маја Стефановска, Тања Таневска, Соња Димовска, Славица Јанешлиева, Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, Марија Сотировска, Игор Сековски, Маја Кировска, Дејан Иванов – Маргуш, Ѓорѓе Јовановиќ, Борче Богоевски и Тања Ристовска, Кристијан Јованоски, Драганчо Таневски, Ива Станковска, Душан Стефановски, Динев Ѓорѓи, Стефан Јакимовски.

Претходна вестДве деца искасани од домашно куче
Следна вестСемејството на починатиот Кико собраните половина милион денари ги донира за малиот Стефан