Повторно одложено петгодишното судење на Канческа-Милеска, не можел да дојде вештакот

Одложено е и денешното рочиште на судењето на поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милеска. Причина е што во судницата не се појави вештак којшто требаше да сведочи откако во Кривичниот суд стасало супервештачењето од Бирото за судски вештачења. Судијата Осман Шабани кој пет години суди но никако да го доведе судскиот процес до крај, ново рочиште го закажа за 23 дена.

-Расправата е одложена за 31.03.2023 година со оглед да едниот од трите вешти лица бил спречен да дојде на денешната расправа, изјавија од Кривичен суд за „Макфакс“.

Бирото за судски вештачења го држеше предметот „Тендери“ повеќе од пет месеци. Ова доведе и до низа одложени рочишта. Тие направија супервештачење поради две спротивставени вештачења. Предметот се суди половина деценија.

Ако се види хронологијата на рочишта, досега, предметот пет пати се судел одново поради протек на 90 дена од последно одржано рочиште.

Обвинението во предметот „Тендери“ е поради фаворизирање на градежната компанија „Бетон“ во јавните набавки. Покрај Канческа-Милевска, обвинети се и двајца членови на комисијата за јавни набавки, за злоупотреба на службената положба и овластувањето.

Ексминистерката за култура беше меѓу осумтемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои во 2018 година ја „сменија страната“ во Собранието и гласаа за промената на името на државата. Во јавноста се шпекулираше дека тие за возврат за политичката „услуга“ со гласањето за уставните измени, добиле различни повластици и контрауслуги од актуелната власт – од државни тендери, до прекин на кривично гонење.

Претходна вестЦените на скопските пазари одат кон небото: Кромидот стаса до 80 денари, но и тоа не му е последна цена
Следна вестМалолетник нападнал со нож друг малолетник