Пожарникарите на Родос наидоа на жеден елен среде пожар, му дадоа вода

Во Грција со денови беснеат пожари, а додека огнот зафаќа повеќе региони во земјата, најкритично е на Родос. Борејќи се со огнената стихија, грчките пожарникари и нивните колеги од другите земји, освен што се грижат за луѓето, не заборавија ниту на животните.

Хуманоста на пожарникарите најдобро ја докажува вирално видео, кое неодамна се појави на фејсбук-страницата Piraeus Press, во кое може да се види како на високи температури, среде гаснење пожар, овие храбри луѓе му помагаат на жеден елен. Видеото расплака многумина.

Иако на овој остров умреле многу животни, особено елените, кои се симболи на Родос, преживеаните животни биле спасени од пожарникарите.

Моментот кога пожарникарите му помагаат на еленот давајќи му шише вода, кое тој го пие без да застане, ја покажува моќта на огнот кој носи сè пред себе и како на несреќните животни им снемува сила.

Видеото собра голем број прегледи и коментари. Покрај оние што им се заблагодарија на пожарникарите што не ги заборавија животните во текот на целата спасувачка акција, многумина се согласија дека сцената била болна.

„Срцето ми се кине“, „Ми дојдоа солзи“, „Ова е страшно, тие кутри животни“, „Мило ми е за ова, но срцето ме боли за другите животни што умреа“, беа само дел од коментарите под ова видео.

Претходна вестЈа претепал вонбрачната партнерка, уапсен маж од Скопје
Следна вестВо четврток и петок авионска дезинсекција против возрасни форми на комарци во Скопје