Главна тема стануваат изборите и кога тие да се одржат. Има ли услови за нивно одржување?
Министерот Венко Филипче вчера рече дека парламентарните избори може да се одржат со почитувањето на превентивните мерки. Добро. Но, ако сега се тврди дека граѓаните се безбедни да излезат на изборите доколу сите се придржуваат до мерките за заштита, зошто тогаш беа потребни полициски часови, забрани за верски собирања? Нели и тогаш биле доволни мерките за заштита? Вакви прашања од вчера почнаа да поставуваат граѓаните до министерот преку социјалните мрежи.
А еве што изјави вчера министерот:
-Било кој настан да се организира, ако се почитуваат превентивните мерки и протоколи, е безбедно за граѓаните. Таму каде што има прекршување на мерките има заразување, рече Филипче.
Ваквото објаснување, меѓутоа, не ги убеди граѓаните дека во ситуација кога се има драстично зголемување на заболените од корона вирусот може и да се организираат изборите. Во реакциите на граѓаните упатени и до нашата редакција се поставува логично прашање ако превентивните мерки сега се доволни, зошто до сега имаше големи ограничувања – 70-дневните полициски часови, забрани за движење на одредени категории на граѓани, забрани за групирања…
– Зошто тогаш не малтретиравте да седиме дома три месеци. Сега тоа не важи. Само носете маски!!!, реагира читателот потпишан како Ѓорѓи.
Друг граѓанин по име Давид поставува прашање: „Зошто не се викаше дека за Велигден и за Задушница се доволни мерки за заштита?“.
Истото револтирано го потенцираат и други граѓани.
-Со изготвување на протоколи и нивно применување во пракса нема опасност од ширење на вирусот и изборите можат непречено да се одвиваат. Па ако е така, зошто истото не го направивте за Велигден, за Задушница? Зошто стававте во карантин празни градови (дозволивте населението да ви се прелее по другите градови ден претходно) Зошто??? Зошто си играте со здравјето на народот. Да “тегнеш” кон избори затоа што те притискаат од страна и да го загрозуваше општото здравје на народот е злосторство, смета граѓанката потпишана како Јасмина.
Дел од граѓаните сметаат дека ваквиот став на министерот за здравство е од причина што тоа и одговара на власта.
-Значи, било кој настан во корист на власта е дозволен и нема вирус, односно, вирусот не е пренослив. А секој друг настан е забранет и ризичен и ќе има вирус. Најдовте мирен и ќутлив народ. Како не ви е срам, напиша читателот Игор.