Пратениците од власта не дојдоа на расправа за трагедиите при пожарот во тетовската болница и при автобуската несреќа во Бугарија

Неисполнет пратенички кворум денеска го оневозможи одржувањето на расправа на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во македонскиот парламент. Поради отсуство на пратениците од власта не можеше да се расправа за Информацијата за автобуската несреќа на превозната компанија „Беса Транс“ што се случи во Бугарија и Информацијата за состојбите и преземените активности во врска со расчистување на случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово.

Претседателот на Постојаната комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните Халил Снопче рече дека власта одлучила да не дојде денеска на оваа седница и да не одлучува.

Главната цел е да не овозможат дебата со точките кои се однесуваат на правата и слободите на граѓаните. Власта прави кворум кога станува збор за делење тендери, задолжувања и отворање на казина, за распределба на пари без критериуми, нагласи Снопче.

Тој информира дека писмено се обратил до Министерството за транспорт и врски, до МВР и до Царинската управа за информации за автобуската несреќа на превозната компанија „Беса Транс” од кои не добил одговор. Кога се обратил втор пат добил писмен одговор од Министерството за транспорт и врски, а одговор не добил од МВР и од Царинската управа.

Членовите на Комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, од АА и од Беса беа согласни дека треба да се дискутира за овие теми, а семејствата да бидат информирани што се случило со членовите на нивните семејства и блиски при несреќите.

Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека власта бега од прашањата зошто е виновна. Власта, како што рече, нема преземено ништо до денеска.

-Тоа значи ја гледа својата одговорност, свесна е дека има некој меѓу нив кој е виновен и затоа не сака македонската јавност да ја чуе вистинатаСкандалозна е денешната постапка, како што избега претседателот на Собранието од расправа за прекршување на Етичкиот кодекс минатата недела, така власта повторно избега денес од разгледување информации за жртвите во автобуската несреќа во Бугарија, каде 46 лица го загубија животот, жртвите во модуларната болница во Тетово, изјави Панова.

Членовите на Комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се осврнаа и на модуларните болници, начинот на кој тие се градеа, за нивниот надзор, за тоа кој е одговорен за нив, за материјалите од кои се направени… Исто така, посочија дека не се судски и извршни органи и побараа да се дискутира, да се изразат сомнежите и мислењата…

Претходна вестМногу битолчани негодуваа за апсењето на Алабаковски, за дејствувањето на државата околу бугарскиот клуб…
Следна вестОпштина Центар ги стопира градежните дејствија на 8 парцели на Водно