Неговиот гроб е во истата црква која ја подигнал во 900-та година, а ја посветил на Светите архангели Михаил и Гаврил на брегот на Охридското Езеро. Во малата капела, украсена со прекрасни фрески од сцени од неговиот живот и чудата што ги правел, Свети Наум Охридски почива од 5 јануари 910 година, кога на денешен ден, пред цели 1.114 години беше и погребан.
Пред неговото почивалиште секојдневно доаѓаат бројни верници кои, како и во сите претходни милениуми, му се молат за здравје, за мир… Така, овој голем македонски светител и ден денешен го има она значење за народот какво што го имал уште за време на својот живот.
Тоа значење е големо како и делото коешто Свети Наум Охридски – Чудотворец го оставил зад себе. Роден околу 830-та година тој е значаен средновековен научник, писател, учител, и еден од основоположниците на словенската писменост, на македонската писменост и просвета.
Св. Наум потекнувал од богати и побожни родители, а поради љубовта кон христијанството, тој се откажал од наследството и се замонашил. Бил најмладиот ученик на светите Кирил и Методиј. Со нив, тој учествувал во Моравската мисија, а го ширел христијанството и во Панонија, Девол, Илирик и други краишта. Подоцна Наум заминал во Охрид, каде му се приклучил на Свети Климент во работата на Охридската книжевна школа.
Како еден од најдаровитите ученици на браќата Кирил и Методиј, во 893 година, кога Климент бил назначен за словенски епископ во Дрембица и Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица бил назначен св. Наум Охридски, кој раководел со Охридската школа во текот на седум години, а од 900 година се повлекол во манастирот посветен на Светите архангел Михаил и Гаврил. Во манастирот, св. Наум собрал големо монашко братство. Познато е дека се занимавал со литературна дејност, но неговите текстови сè уште не се идентификувани. Од двете кратки житија, напишани на црковнословенски јазик, се гледа дека бил голем учител, просветител, кој се разбира во народната медицина и толерантно ги водел црковните работи. На св. Наум Охридски му се припишуваат делата: Канонот за апостолот Андреј и Канонот за пренесување на моштите на Јован Златоуст.
Свети Наум Охридски Чудотворецот починал на 23 декември (5 јануари) 910 година, во манастирот „Свети Наум“, на возраст од 80 години и бил погребан лично од св. Климент во манастирската црква. Набрзо по смртта, Наум бил канонизиран за светец, поради чудата кои се случувале на неговиот гроб и во манастирот, а култот за него започнал да се шири во Македонија, како и во Бугарија, Албанија и Грција.
Во посланието на охридскиот архиепископ Јосиф од 21 мај 1740 година се вели дека „чудата и благодатите на свети Наум биле побројни од ѕвездите на небото“. Сепак, првите легенди и преданија за неговите чуда биле објавени во втората половина на 19 век
Свети Наум остана запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност. Но свети Наум остана запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнувањето на оние што иделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот.