Лице вработено во М-НАВ, заедно со уште неколку непознати лица физички нападнале тројца вработени во институцијата, информираа вчера попладне од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
-МВР ја известува јавноста дека во полициска станица се четири лица инволвирани во нападот врз вработени во МНАВ, кој беше пријавен денеска (04.01.2024) околу 15.15 часот и со нив се вршат службени разговори, по што во координација со ОЈО ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Исто така, се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица. Ја известуваме јавноста и дека МВР во наредниот период континуирано ќе ја обезбедува зградата на МНАВ, соопштија од МВР.
Претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, претходно објави дека во објектот на контрола на летање дошле неколку возила од кое излегле неколку лица кои влегле во објектот на контрола на летање и предизвикале караница и нападнале вработени во контролата на летање. Според него, возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето.
– Возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето кое е од надворешна фирма на која според наши сознанија ѝ е истечен договорот од пред извесно време а немаме информација дали им е продолжен повторно. Од друга страна не реагирало ни обезбедувањето на М-НАВ кое се наоѓа во самиот објект, наведува тој.
Телевизија Телма објави дека претседателот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир и поранешен министер за економија, Беким Незири, кој има функција на советник на директорот на М-НАВ со службената картичка пропуштил седум луѓе кои не биле вработени во Контролата на летање во просториите каде за невработени е невозможно влезат беа безбедносни проверки и посебни дозволи за влез. Се наведува дека групата од 8 луѓе влегла во објектот од кој се надгледува и осигурува безбедноста на авиосообраќајот над Македонија, дошла до вработениот П.Б. на кого му замериле зошто бил со синдикатот, а не со партијата и почнале вербална расправија, а потоа и физичка пресметка.
Насилникот Е.С., близок соработник на Беким Незири, дошол и го удрил контролорот, а Незири почнал да му вика и да му се заканува. Настанала вербална расправија, по што нападнатиот контролор го пријавил нападот полиција. Насилниците имале вербална расправија со уште двајца контролори-Албанци.
Телевизијата објави дека напаѓачот Е.С. бил сопруг на нововработена во М-НАВ која таму засновала работен однос пред неколку месеци, кога почнаа барањата на синдикатот наместо партиски кадри да се примаат стручни лица за да се задржи безбедноста на авио-сообраќајот.
Според информациите на Телма меѓу првите 4 лица кои биле повикани во полициска станица бил и партискиот функционер на ДУИ, Беким Незири кој бил повикан во полициска станица Газибаба, во Автокоманда.
Упадот и дивеењето на активистите на ДУИ во М-НАФ се случил по прес конференцијата на претседателот на Синдикатот на М-НАВ Александар Тасевски на која тој информираше дека 20 до 30 контролори на летање и нивни помошници се очекува од вчера да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, образложувајќи дека оставките се за поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција. А, насилниците од ДУИ дошле со закани и напади да се пресметаат со контролорите Албанци кои му дале поддршка на Тасевски.




