Лета ли магарето? Лета. Добро, ти си за во Контрола на летови

Случувањата во Контролата за летање се ептен загрижувачки. Се допира ли дното до кое не водат партизираните институции?

Еј, група насилници непречено упадна во објект кој би требало да е строго чуван. Имало и физичка пресметка со контролори кои во тој момент го чуваат македонското небо и управуваат со многуте авиони кои летале над Македонија.

А што бил поводот за да се случи инцидентот? Партиски вработувања.

Страшно. Алармантно. Опасно.

Македонија е заробена држава од политичари насилници. Тоа веќе и од авион се гледа, па затоа веројатно и сакаат да стават „шепа“ и на Контролата за летови. Така лесно ќе даваат навигации како авионот да се мафне од „нивното партиско“ небо.

Владата ја смирува јавноста:

-Ковачевски и Владата во своето работење се водат од врвниот интерес за безбедноста на македонското небо и функционирањето на патничкиот и воениот авио- сообраќај, стои во соопштението.

Воедно, Владата информира дека на следната седница, закажана за вторник, 09.01.2024 година, за решение на постоечката ситуација ќе предложи „целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени“.

Зошто ќе се реагира дури по 4 дена? Не е ли ова повод за итна седница на Владата?

Овој голем инцидент е сигурно веќе во дипломатските белешки на сите држави со кои сакаме да се здружуваме, соработуваме. Ќе бидеме прибележени како несигурни соработници и во светските организации за контрола на летовите.

Зарем не треба итно да се покаже дека државата има капацитет за брзи решенија на проблемите кои самата (поради умислени и аздисани политичари) ги прави?

Да, добро е што МВР веќе привела 4 лица. И добро е што полицијата ќе го обезбедува овој стратешки објект. Но, сега се нужни и многу поконкретни дејства.

Дејства кои ќе покажат дека се бара спас од целосното партизирање на државата.

Оти видовме до каде, и до какви апсурди доведе ова:

-Лета ли магарето? Лета. Добро, ти си за во Контрола на летови.

Претходна вестСеверна Кореја истрела повеќе од 200 гранати, Јужна Кореја нареди итна евакуација
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Банда партиски војници на ДУИ влегле во зградата на М-НАВ и нападнале контролори на летање Албанци