Темен режим Режим на светлина

Божикно послание на архиепископот Стефан: Духовното и национално единство ни е попотребно од било кога

Духовното и национално единство ни е попотребно од било кога, за да можеме како Црква и како народ да опстоиме и да зачуваме сè што е наше – македонско, порача во своето Божикно послание Поглаварот на МПЦ-ОА архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан. Во име на Синодот и на свештенството тој на верниците во Македонија порача и тоа дека треба да се надминуваат подлебите во општеството.

-И денес гледаме страшни поделби во светот. Изгледа како омразата да царува, а љубовта да згаснува. Се чини дека човештвото никогаш не било толку поделено и спротивставено. Братоубиствените војни леат реки од невина крв, која не е различна од онаа на витлеемските младенци. Поделби гледаме и внатре во Црквата. Православието никогаш не доживеало толкава подвоеност и внатрешно неединство. За жал, поделбите на различни основи не ја одминуваат ниту нашата македонска земја. А духовното и национално единство ни е попотребно од било кога, за да можеме како Црква и како народ да опстоиме и да зачуваме сè што е наше – македонско. Па се поставува прашањето: што можеме да направиме тука ние како Црква? Можеме да го направиме токму тоа за што сме повикани – да се обединиме и да се обединуваме, онака како што некогаш се обединија луѓето и ангелите пред Витлеемската пештера. Само така ќе го исполниме Христовиот повик од Гетсиманија: да бидат сите едно. Вакво обединување е можно само со Христа и во Христа, Кој единствен го помири небесното со земното, наведе архиепоскопот Стефан.

Тој потсети дека токму во името на мирот и на добрата волја, во средината на 2022 година се збидна и прифаќањето во канонско единство и признавањето на автокефалниот статус на нашата Света Црква, со што таа повторно беше вброена помеѓу помесните Православни Цркви.

-Таа подадена рака во името на љубовта, даде можност да се надмине повеќегодишната поделба на православните христијани во нашата Македонска Црква, да си простиме и меѓусебно да се измириме, та, еве, сега повторно заедно да му се радуваме на овогодишниов Божик. Па, само луѓе и народи во кои и помеѓу кои е присутен Христовиот мир, имаат добра волја, и го бранат и го чуваат мирот и со Бога, и во себе и со сите околу себе!, потенцира Поглаварот на МПЦ-ОА.

Според него, со раѓањето на Синот Божји – Господ Исус Христос, Божјата светлина го огреа сиот свет.

-Бог Словото слезе на земјата и стана Човек, за да го обнови единството на Бога со човекот, зашто, според зборовите на свети Григориј Богослов, пред овој спасителен настан се беше отворила „голема и непремостлива провалија“, меѓу Создателот и првиот Адам. Но, со раѓањето на Богомладенецот се објави Божјата неизмерна добрина и Неговото човекољубие победи. Затоа и нашиот свети Климент Охридски, созерцавајќи го Рождеството Христово, воскликнува: „Радувај се, првосоздаден Адаме, бидејќи ти не беше оставен во адот! Ете, твојот Спасител и Избавител доаѓа да се роди од Дева; и Бог станува Човек, за да ја обожи човечката природа“. Па, да се радуваме со непоминливата радост од таа Витлеемска ноќ, со радоста на ангелите, со радоста на пастирите, со радоста на мудреците, да се радуваме со сите коишто во изминативе дваесет столетија се радуваа на тој спасоносен и неповторлив настан!,  наведе тој во Божикното послание.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Левица: Македонците плаќаат најскапи патарини

Следна објава
Со неколку клика до билет, нова дигитална услуга на ЈСП

Автобусите на ЈСП ќе возат по неделен возен ред во наредните три дена