Mинистерот Спасовски треба да чека ред за нов пасош, така ќе ги дознае понижувања на граѓаните

Во маки и понижување се претвора наметнатата обврската на граѓаните до 12-ти февруари да ги заменат личните документи. Всушност така е веќе поодамна, ама сега тоа е се поочигледно и подзасилено.

Како што наближува денот кога власта кажа дека нема да признава лични карти, пасоши, возачки дозволи… на кои го нема нивниот омилен збор „северна“ – така се зголемуваат редиците пред пунктот во полициската станица „Пролет“ во Скопје каде се вадат лични документи без закажување.

Луѓе исплашени од ултиматумот на Владата доаѓаат уште од 5 часот од сабајле иако има и мраз надвор за да бидат меѓу првите…, но и тоа не е гаранција дека ќе се дојде на редот. Некогаш интернет системот паѓал па се затвораат пуктовите, некогаш преголема е гужвата, некогаш…

Некои граѓани револтирано изјавуваат дека доаѓаат и по втор, третпат… во обид да поднесат барање за промена на личните документи. 

Зарем ова малтретирање не го гледаат од МВР? Зошто власта не го преиспита ултимативниот датум од средината на февруари? Зошто не се одложи постапката за барем една година?

Инаку, повеќе часови се чека и пред шалтерите на МВР во зградата на Македонска телевизија кадешто се подигнуваат направените документи со сменетото име на државата. И таку редицата е долга и се протега и на големите скали во внатрешноста на фоајето. Граѓаните тука доаѓаат по најмалку 15 дена откако поднеле барање и се фотографирале во пунктот „Пролет’. Но, и тука не е гаранција дека ќе се дојде на ред. Граѓаните сведочат дека чекаат и по 4-5 часа оти издавањето на пасошите и на личните карти оди многу бавно. На прашањата зошто не се анагажирани повеќе вработени во МВР за издавање на готови документи, не добиваат одговор.

-Тука сум од сабајле, но уште не сум блиску да влезам. Внатре пуштаат само по десетина луѓе и тие долго се задржуваат. Не знам дали ќе успеам до крајот на работното време да дојдам на ред, ни рече еден граѓанин кој чекал веќе цели 4 часа.

Не требаше ли државните институции да бидат сервис на граѓаните? Па, така ветуваа и од власта дека ќе биде. Ова малтретирање и понижување ли е сервисот?

Измрзнување, исцрпеност, накиснување, нервоза… на сето ова се изложени граѓаните особено на пунктот во „Пролеп“. А вака е секој ден откако пред неколку недели стартуваше овој пункт на МВР каде граѓаните ги менуваат личните документи откако власта наметна ултиматум.

Зарем ваквите тешки и непријатни услови за граѓаните ќе останат и во наредниов период? Па, се најавуваат минусни температури. Мисли на ова министерот Оливер Спасовски? Не е лошо тој да застане еднаш во редот пред „Пролет“ и да чека цел ден на дожд и ветер да го „фотнат“ за пасош. Па потоа во зградата на МВР да почека цел ден за да си ја земе патната исправа. Може тогаш ќе увиди низ какви мизерии во сопствената држава поминуваат граѓаните.

Треба неодложно да се пролонгира ултимативниот рок кој го даде МВР.

Сега е определено патните исправи да важат до 12 февруари по што веќе не ќе им бидат валидни. Со продолжување на рокот, а што е лесно и правно можно, граѓаните ќе си направат распоред на итност и во наредните година – две ќе си ги менуваат документите без гужви и дополнителни понижувања. Впрочен постојните документите имаат валидност.

МВР треба да одговори зошто не носи таква одлука кога веќе е очигледно дека голем дел од граѓаните нема да стасаат да ги заменат документите до февруари, а за тоа не сносат вина затоа што ако се јавиш сега во полиција за да добиеш термин за промена на документите ќе ви закажат за во септември наредната година. Тој апсурд не го „зготви“ народот, туку институциите.

А, за апсурдот дека власта прифати други од страна да ни кажат што ќе пишува во нашите лични документи, ич да не зборуваме…

Претходна вестКонтролата на летање ќе штрајкува ако Владата не ги разреши директорите на М-НАВ
Следна вестНормализиран сообраќајот на патот Гостивар-Кичево