„1.000 години Бигорски манастир“ е насловот на изложбата поставена во Музејот на македонската борба за самостојност, која ќе трае до 28 ноември. Посветена е на Бигорскиот манастир и реализирана е во соработка со ансамблот „Македонија“.
– Дел од изложените материјали се и осум олтарни, две чудотворни, две тронски икони, кивот од капакот на моштите, како и особено драгоцени и вредни предмети од 18, 19 и 20 век – митра, игуменски крст, епетрахил, жезол, рипиди со серафими – соопшти Музејот.
Богатата историја на манастирот датира од 1020 година, кога бил основан од монахот Јован. Во 16 век манастирот бил разурнат од страна на отоманската власт и од целиот комплекс останала само мала црква, а повторно е обновен во 1743 година од јеромонахот Иларион, кој бил и првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време. Манастирот бил изграден од бигор, оттаму потекнува и неговото име Бигорски.
Бигорскиот манастир е комплекс што го сочинуваат манастирската црква, која е посветена на Свети Јован Крстител, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплекс манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци. Иконостасот во манастирската црква е еден од најубавите во земјава, но и пошироко.