Предупредувања ЦУК и УХМР: Да се избегнува движење покрај надојдени реки и потоци, можни излевања на Треска, Пчиња, Црна река…

Граѓаните да избегнуваат движења покрај реки, потоци или други извори на вода бидејќи се можни излецања на повеќе реки, предупредија денеска од Центарот за управување со кризи и од Управата за хидрометеоролошки работи.

-Според информациите добиени од Регионалните центри за управување со кризи, засега состојбата со водотеците е стабилна, има зголемувања на водостојот, но нема излевања на истите, освен во Битолскиот регион, наведува ЦУК.

По обилните врнежи од дожд на подрачјето на општина Битола  во атар на с.Дохово е излеана Диховска Река и поплавена е помала земјоделска површина. Исто така, излеан е канал кај Брусничко Лавчански регион 1. Во атар на с Породин излеан е канал и  поплавена е Живинарска фарма. Известени се надлежните субјекти и во моментов екипите се на терен. Поплавена е и мала површина на земјоделско земјиште кај Куманово.

Од УХМР соопштија дека по синоќешните врнежи зголемен е водостојот на повеќето реки низ земјава, а кај дел од нив има и значително високи водостои.

-Според најновите информации од хидролошките станици, зголемен е водостојот на реката Треска, кој се очекува и натаму да продолжи да расте, така што предупредуваме на можни локални излевања во тој речен слив. Зголемен е и водостојот на Пчиња кај Катлановска Бања и предупредуваме на можност од локални излевања на Пчиња, вклучително и на нејзините притоките (Кумановска и Крива) и суводолиците во тој слив. Зголемен е и водостојот на Црна Река во Новаци кој се очекува и понатаму да продолжи да расте и постои можност од локални излевања на нејзините помали притоки и суводолици. Константно е висок водостојот на Радика, Сатеска и на останатите реки во западниот дел од земјата, каде останува опасноста од нивно излевање, посочуваат од УХМР.

Претходна вестОблачно со врнежи од дожд, температура до 7 степени
Следна вестНормализиран сообраќајот на патот Маврово – Дебар