Предупредувањата не помогнаа, СДСМ се фали со „Чебрен“ за кој експертите рекоа…

Владеачката партија СДСМ, очигледно, многу брзо ги расчисти дилемите и силните предупредувања кои ги доби во јавноста околу градењето на најголемиот хидроенергетски проект „Чебрен“. Сдсмовсците денеска соопштија дека градбата ќе стартува, дека странскиот инвеститор ќе вложи 1 милијарда евра, дека ќа има капацитет од 333 мегавати, дека државата ќе има 30-процентна сопственост…

Ова значи дека сериозните аргументирани опомени од експерти не вродија со плод во партијата на Ковачевски. Во следниот период грчката фирма ППЦ – Архиродон, која што ја доби концесијата за користење на водата на Црна Река за производство на струја долга цели 60 години, наскоро и ќе почне да гради, а и ХЕЦ Тиквеш ќе им биде подарен.

А укажувањата на независните енергетски експерти беа бројни. Од тоа дека ваквите национални богатства каква што е водата не треба да се даваат под концесија, дека условите се неповолни по нас, па се до тоа дека ваков стратешки енергетски објект треба сами да го градиме за да биде во македонска сопственост. На тоа се укажуваше на малкуте јавни расправи коишто се организираа.

-Одлуката да се даде 60-годишна концесија е исклучително лоша, од неа последиците ќе ги трпат сите македонските граѓани и поколенијата. Продаваме се што имаме, ќе работиме за туѓи господари, за туѓи дворови. Нема ништо од ова да добие Македонија. Наместо македонското електростопанството, од ваквиот лош бизнис, ќе се офајди грчкиот систем бидејќи во раце ќе ги има сите расположливи капацитети за оваа простројка, смета енергетскиот експерт и универзитетски професор Константин Димитров од „МАЦЕФ“.

Енергетичарот Зоран Митрески, пак, предупреди дека по шест децении во сопственост ќе добиеме енергетски објект кој ќе биде руина.

-Животниот век на централите траат 40-50 години. Што ќе ни е она што ќе ни го вратат назад, кога тоа ќе биде руинирано. Нашите деца, од нивниот животен работен век нема да ја искористат таа енергија. Кога би се вратила таа централа назад, таа би била тотално руинирана и тотално бескорисна, потенцира Митрески.

Професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, оцени дека доколку самата држава го гради Чебрен со 150 милиони евра учество и 450 милиони кредит, тогаш инвестицијата би се отплатила за само 19 години од почетокот на производството.

-Предложениот проект би значел задоволување само со ронките. Просто е неверојатно со каква упорност го туркаат овој проект, вели Трајковски.

Се јавија и дилемите околу тоа колку од водата од вештачкото езеро ќе може да се користи за наводнување, колкава ќе биде поволноста за Македонија да купува поевтино струја, колку македонски фирми и дали воопшто македонското стопанство ќе учествува  во градбата…?

Поранешниот помошник директор за производство во РЕК Битола Спиро Мавровски, пак, одлуката да се даде ХЕЦ „Тиквеш“ како залог за државните удели во ХЕЦ „Чебрен“ го смета за економски неоправдан и штетен за македонскиот енергетски систем.

– Владата може да користи европски фондови за зелена енергија и да ја изгради ХЕЦ Чебрен, наместо да ја дава на странски инвеститори. Не ми е јасно зошто владата се откажува од ХЕЦ „Тиквеш“, која со производство во наредните 60 години на државата би ѝ донела повеќе 900 милиони евра, ако се смета струјата по сегашните цени, што е речиси еднакво на инвестицијата во ХЕЦ „Чебрен“. Хидроелектраната е ревитализирана и ќе нема потреба овие 60 години да се вложува во неа. Тоа значи дека продажбата на годишното производство на ХЕЦ „Тиквеш“ ќе му послужи на инвеститорот да го плаќа кредитот кој го зел за да ја гради Чебрен, а државата ќе ги надоместува овие мегаватите произведени од електраната со увоз на струја, што е штета, потенцира Мавровски.

Сето тоа беа сериозни предупредувања кои, за жал, останаа неприфатени. Зошто, тоа си го знаат претставниците на власта кои решија да го спроведат проектот онака како што го замислиле. Врамето точно ќе покаже дали се во право.

Во јавноста многумина целиот овој проект го нарекуваат „нов бомбона бизнис“. Кој од сето тоа ќе се заблажи?  

Претходна вестАвтомобил се преврте, повредена жена во сообраќајка во скопски Аеродром
Следна вестЛевица: Молк за скандалозниот оглас на „Бихтел и Енка“ за северномакедонски јазик