Прехрамбената индустрија ќе има двојно поевтина струја, производителите допрва ќе видат дали ќе има поевтинување од 10 отсто

Владата ќе ги поддржи производителите на масло, пекарски, млечни и мелнички производи, како и преработувачите на млеко со тоа што тие ќе плаќаат струја под 100 евра за мегават час, што е двојно помалку од цената на регулираниот пазар, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши. По средба со претставници на прехрамбената индустрија тој најави дека е можно листата да се прошири и со компаниите од месната индустрија.

– Очекувам поради намалувањето на цената на електричната енергија, компаниите од прехранбената индустрија да ги поевтинат производите за околу 10 проценти. Доколку, пак, некој ја злоупотреби ситуацијата и домашните основни производи ги продава поскапо од увезените, не е исклучено Владата да донесе и мерка за замрзнување на цените на одредени прехранбени производи, рече Бектеши.

Компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи и се регистрирани со шифри на дејност 10.41, 10.51, 10.61, 10.71 во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи како и производители на јајца ќе имаат фиксна цена на електрична енергија.

Потпретседателот на Сојузот на стопански комори Горан Ѓорѓиевски објасни дека по плаќањето поевтина струја, најпрво ќе следува стабилизација на пазарот па дури потоа ќе може да се каже за колку ќе поевтинат основните производи.

-Таа стабилизација се надевам дека ќе трае околу еден месец. Ќе се види конкурентски како тоа ќе делува врз производителите по што може да се утврди дека за отприлика десетина проценти може да се спушти цената на основните производи, конкретно кај нас во пекарската индустрија. За поголемо намалување, потребни се други чекори, потребен е сублимат од повеќе чекори. Но, и овој првиот е многу важен, сериозен и квалитетен исчекор напред од страна на државата зашто ќе добиеме пониска цена на електричната енергија, а тоа ќе овозможи и ќе придонесе да се намалат цените на основните прехранбени производи и да бидат многу поприфатливи за потрошувачите. Ние понатаму би очекувале и други соодветни исчекори кои уште повеќе би придонеле цената на основните производи да се спушти на уште пониско, посоодветно ниво. Ова е добар, квалитетен исчекор и се надевам дека ќе биде почеток на други со кои ќе се заокружи овој процес за обезбедување уште подобри цени, рече Ѓорѓиевски.

Претходна вестПриведени крадци во Тетово
Следна вестНови 68 случаи на Ковид-19 и тројца починати