Преодно решение: Седмоодделенците ќе учат од досегашните учебници, лекциите кои им недостасуваат ќе ги изработи БРО како додатни материјали

И седмоодделенците ќе имаат учебници од септември откако е најдено преодно решение, соопшти денеска Министерството за образование.

Во соопштението се наведува дека МОН и Бирото за развој на образованието изнајдоа решение за непречена реализација на воспитно – образовниот процес за учениците од седмо одделение.

-Од септември тие ќе можат да ги користат учебниците кои се применуваат досега, со додатни материјали кои ќе бидат изработени од страна на Бирото за теми кои недостасуваат во истите, а предвидено е да се изучуваат годинава. За оваа цел е донесена и одлука за одложување на имплементацијата на Концепцијата за основно образование, во седмо, осмо и деветто одделение. Предизвикот со генерацијата ученици кои од септември ќе бидат седмо одделение, настана поради тоа што досега не беа изработени нови учебници за нив, согласно новите наставни програми и Концепција. Иако претходното раководство јавно информираше дека сите учебници се изготвени и се печатат, реалноста е дека ниту еден не е испечатен, а најголем дел не се ниту изработени, ниту одобрени, се наведува во соопштението.

МОН информира дека целосно нови учебници за седмо одделение ќе има од учебната 2025-2026 година.

-Доколку Концепцијата за основно образование која влегува во процес на ревидирање, согласно мислењата на наставниците и другите засегнати чинители во воспитно – образовниот процес, биде изменета и има потреба, ќе бидат изготвени и нови наставни програми и учебници и по други одделенија, информира Министерството.

Претходна вестВо основните училишта во Велес секој понеделник ќе се интонира химната
Следна вестМуцунски го повика и Фрчкоски на консултации во Скопје поради запуштеност на работата и финансиска недисциплина