Преработувачите предупредуваат на скок на цените за 50%, Бектеши вели ако треба ќе интервенираат

Ако е потребно, ќе ги искористиме механизмите за да нема ценовни шокови, изјави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши во врска со вчерашното предупредување на преработувачите дека храната драстично ќе поскапи.

Бектеши по средбата со дел од еснафот на Старата скопска чаршија нагласи дека состојбата будно се следи.

-Будно ја следиме ситуацијата во делот на глобалниот ланец на снабдување, посебно со прехранбените производи. Тоа го покажавме и во време на пандемија. Секако има механизми, посебно ако се повикаме на Законот за трговија каде што за основните производи може да донесеме одлуки во делот на замрзнување на одредени цени, било тоа да се цени во прехранбените производи или суровини кои се увезуваат или се продаваат директно во голема и мала продажба, рече Бектеши.

Драстично поскапување на храната, во некои сектори и од 40 до 50 отсто, вчера најавија преработувачите кои побараа итна средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи за изнаоѓање соодветни решенија кои би го ублажиле ударот од ценовниот шок врз потрошувачите.

На прес-конференција во Стопанската комора, вчера, тие предупредија дека цените само на сувомесните производи се очекува да се зголемат за 20 – 40 проценти, но зголемување на цената ќе има и кај лебот.

Средбата на Битиќи со стопанствениците е закажана за попладне.

Претходна вестВладата ќе разгледа важно прашање: Градење отпорност од хибридни закани
Следна вест(ФОТО) Ќе поправаме или ќе маскираме?