Претседателот на Кина, Си Џинпинг, денеска доаѓа во официјална посета на Белград. За неговото пристигнување се преземени големи безбедносни мерки, па неговата делегација ќе ја штитат 3.400 полицајци. Ќе го пречекаат српските ловци „миг-29“, кои ќе го следат неговиот авион од границата, а на аеродромот во Белград во негова чест ќе биде построена стража на војската на Србија.
Покрај автопатот во Белград се поставени кинеското и српското знаме, а пред Палатата „Србија“ ќе биде организиран и свечен пречек на кинеската делегација во која ќе има 400 луѓе.
Планирано е да се потпишат повеќе од 30 договори меѓу Србија и Кина. Домаќин на кинескиот претседател ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ.
Си последен пат беше во Србија во 2016 година, што беше прва посета на претседателот на Кина на Србија по 32 години и по тој повод беше потпишана декларацијата за стратешко партнерство.
Инаку, ова е прва посета на претседателот на кина на Европа во последните пет години од избувнувањето на пандемијата на Ковид-19, а за време на оваа европска турнеја тој ќе посети само три европски престолнини – Париз, Белград и Будимпешта.
На последната средба меѓу кинескиот и српскиот претседател во октомври минатата година во Пекинг, покрај договорот за слободна трговија, беа потпишани и неколку билатерални документи, како оние за полициска соработка во управувањето со вонредни ситуации, изградбата на патишта, индустриски парк, извоз на јаболка, дигитализација…