Поднесената претставка на наводен секс-скандал денеска не го попречи изборот на судијата Бесник Авдија за претседтаел на најголемиот суд во државата Граѓански суд – Скопје од страна на Судскиот совет. Анонимната претставка вчера била испратена до членовите на Советот коишто решија да ја игнорираат снимката направена во 2019 година.
-По неговото именување како судија во Основен граѓански суд Скопје, Бесник Авдија како судија на овој суд, за неговите биолошки потреби вршеше сексуални дејствија со вработена во овој суд во службени простории на овој суд. За овој настан постои и видео клип. За тоа дека постои таков видео клип ви предлагам да се обратите до претседателот на овој суд, Илир Сулејмани и од него да побарате подетални информации, пишува во претставката доставена пред две недели и во Судскиот Совет.
На видео снимка, за која се тврди дека е со Авдија и негова колешка се слуша како двојката прво се расправа, а потоа се смирува и завршува со бакнежи и гушкање.
Според податоците и поднесените потребни документи, а презентирани од претседателот на комисијата на Судскиот совет, Ивица Николовски, судијата Бесник Авдија ги исполнува сите услови да биде предложен и избран за претседател на Основниот граѓански суд Скопје. Тој беше оценет со 172 поени и добил позитивна оцена. Ги положил и тестот за интегритет и психолошкиот тест, има 2 годишно судиско искуство, а знае да работи и со компјутер. Авдија беше единствен кандидат за претседател на Граѓанскиот суд.
За судијата Антоанета Димовска, која како член на Судскиот совет дојде токму од Граѓанскиот суд Скопје претставката е тенденциозна затоа што доаѓа на еден ден пред изборот.
-Од она што може да се види нема некоја пречка, а и не е поведена постапка за подетално да се утврди дисциплинска повреда на судијата. Сметам дека претставката е тенденциозна и се случува на ден пред изборот за настан што се случил во 2019 година. Испраќачот можел да поднесе претставка и досега, рече Димовска.
За Мери Радева снимката за наовден љубовен скандал не е причина судијата Авдија да не биде избран за претседател на Основниот граѓански суд.
-Тоа не е причина затоа што нема утврдени факти, не е расправано по претставката. Доколку некогаш се утврди нешто поинаку тогаш овој совет ќе расправа по тоа, рече Радева.
Лорета Георгиева кажа дека за неа е меродавно дека Авдија има менаџерски способности и дека сега тоа е најважно.
-За мене нема пречка да го гласам овој единствен кандидат доколку нема кривична одговорност, пресуда или одлука со кои би биле доведени во прашање неговите лични и професионална квалитети, рече Георгиева.