Прилепчанец запалил стрниште, па загинал во предизвиканиот пожар

Телото на 63 годишниот прилепчанец С.Д. вчера попладнето е пронајдено изгорено на неговиот имот кај месноста викана Поводеници кај вештачкото езеро во близина на Прилеп.

Според јавниот обвинител Стевчо Биноски кој извршил увид на лице станува збор за несреќен случај и нема сомнение за сторено кривично дело. Сега починатиот палел сува трева и стрништа и огнот го зафатил и него.

Ова е само еден од бројните случаи на пожари кои годинава излегле од контрола. Бројот на пожари во прилепско за разлика од лани е зголемен за околу 30%. Ако лани до овој период биле регистрирани 170 интервенции на ТППЕ Прилеп, до денес таа бројка е над 240. Според ТППЕ Прилеп најголема причина за пожарите на отворено е човечкиот фактор, односно или тие се намерно подметнати или им се излезени од контрола на луѓе кои гореле различни ѓубришта, сува трева или стрништа. Последен таков пожар од огромни размери пред 4 дена за малку ќе го пеплосаше манастирот Св. Никола кај селото Прилепец како и 3 околни села.

-Најчесто пожарите на отворен простор настануваат од невнимание. Од населението кои ги чисти тие работни површини, значи од неконтролирано горење. Пожарот во село Прилепец беше актривен, ТППЕ беше цела ноќ на терен, работевме 24 часа за да не ни се случи тој пожар да се прошири бидејќи се закануваше, имаше опасност спрема Волкосело, потоа кон селото Прилепец, опасност за манастирот кај селото Прилепец и од десната страна кон селото Чумово, изјави Кристијан Момироски, командир на ТППЕ Прилеп.

Пожарникарите апелираат да се зголеми свесноста кај граѓаните, но бараат и построги казни за потпалувачите и измена на законот.

-Казнените мерки треба да бидат поригорозни. Треба да се предвиди и во Законот за пожарникарство да постои казнена одредба која самиот пожарникар да може на лице место да му ја зададе на палачот на тој оган кој што го пали од невнимание, а предизвикува опасност на населението, на имотот, на растителниот и животинскиот свет. Е таква мерка за жал ние немаме, ние можеме само да го изгаснеме, а неможеме да казниме никого, додаде Момироски.

ТППЕ Прилеп во моментов има 34 вработени пожарникари и 8 мина со договор на дело, но во очекување на летната сезона велат дека ќе бидат потребни дополнителни вработувања.

Претходна вестБелиот мантил утре на протест пред Министерството за здравство
Следна вестЛокализиран пожарот на Крит