Притвор за мајката на врзаното дете што изгоре, ќе одговора ли и некој од институциите?

Во триесетдневен притвор е ставена мајката на седумгодишното дете кое изгоре во пожарот во станот во Гостивар. детето не можело да побегне од пламенот бидејќи со синџир било врзано за кревет. Гостиварското обвинителство издаде наредба за спроведување истражна постапка против С. Т. (36) од Ресен со живеалиште во Гостивар, поради основано сомнение за сторено кривично дело – Повреда на семејни обврски (член 203 став 2 од Кривичниот законик)Осомничената жена, наведуваат од ОЈО, го малтретирала своето дете на возраст од седум години, кое го врзувала со синџир и катанец за креветот. За кривичното дело за кое е осомничена жената е предвидена казна затвор од најмалку пет години.

Но, освен оваа истрага која ја води Обвинителството и Центрите за социјални работи од Ресен и од Гостивар ќе треба да одговорат како ова семејство составено од самохрана мајка и четири деца било невидливо за институциите. Од она што до сега се знае произлегува дека семејството до пред десетина дена живеело во Ресен од каде се преселиле во Гостивар каде земале стан под кирија. Сите деца – на возраст од една ипол па до седум години – биле родени во вонбрачна врска на мајката која потоа самата се грижила за децата.

Од гостиварскиот Центар за социјални работи вчера изјавија дека семејството потекнува од Ресен, а до сега никогаш не било регистрирано како корисник на некакви социјални права, детски додаток, детска заштита или кое било друго право или услуга… Семејството не било евидентирано ниту од МВР за какви било проблеми. Сега ќе се утврдува и зошто било врзувано со синџири за кревет, а што било фатална причина за смртта.

Има само една евиденција, за упис на сега починатото детенце на училиште. Ништо друго нема ни како проблем, ни како барање, ни обраќање од нивна страна до државата, изјавија во Центарот за социјални работи во Гостивар.

Но, натамошната истрага треба да покаже дали детето кое настрадало воопшто било пријавено во матичните служби. Во првичните вести по трагичниот настан во медиумите беше наведено дека тоа било непријавено, односно, било „дете-фантом“.

Постоењето на вакви деца не е редок проблем во Македонија. Во февруари минатата година Собранието изгласа закон со кој на лицата без документи им се дава граѓански идентитет, односно прв извод од матичната книга на родените. Со овој извод тие потоа можат да добијат здравствена и социјална заштита, да се вработуваат и да фигурираат во државниот систем а што до сега не било можно. Тогаш беше проценето дека во земјава има околу 700 вакви деца и млади лица.

Закони си имаме, ама тешко ги спроведуваме…

Претходна вестЛевица: Здравството ни е во колапс, а Владата за 210 милиони долари набавува оружје од САД
Следна вестПолицискиот час го прекршиле 23 лица, казни и за 455 граѓани кои не носеле маски