Да им се плати долгот или барем некој дел од него за да може да се надмине проблемот, е компромис кој денеска го предложија приватните автобуски превозници за запирање на нивните блокади по Скопје. Двете здруженија „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ денеска блокираа по една лента во двете насоки на булеварот „Илинден“ во знак на протест и барање проблемите да се решат. Скопската градоначалничка Данела Арсовска денеска, меѓутоа, одби средба со нив.
-Приватните превозници ќе почнат веднаш да го вршат превозот и ќе го вршат сè додека не се случи оној најавуван оглас, кој е некој нов концепт на градоначалничката. Меѓутоа, да не се создава ваков простор на нервози, блокади и јавниот превоз да функционира. Доколку имаме некакви сигнали или некаков одговор и решение од целата оваа ситуација со овој наш предлог на кој инсистираме да биде прифатен, може да кажеме дека протестите ќе бидат прекинати, изјави денеска Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.
Тој нагласи дека нервозите во Скопје не се резултат на инает на превозниците, туку на реакциите на Градот, односно на градоначалничката Данела Арсовска.
-Нека бркаат криминал и нека воведуваат концепт. Но компролисот е дотогаш да биде обезбеден нормален превоз за да не трпат штети граѓаните. Имаме право на протест, како што се протестира и во западните земји. Но, таму нема закани и покажување на сила кон превозниците. Ако треба да се покажува кој е посилен, тоа не е добар пат. Не бараме ништо повеќе од тоа што ни следува. Но компромисно, можно е да добиеме дел од долгот, од парите што ние сме ги заработиле. Градот, всушност, не функционира. Се обративме секаде и во Владата и на други места, но Данела Арсовска може целиот проблем да го реши со еден потег, рече Јовановски.
Во спротивно, додава Јовановски, протестот што е најавен за помасовна блокада на повеќе крстосници, кај „Мавровка“ и „Црвен крст“ и целосната блокада на булевар „Илинден“, ќе се реализираат в понеделник.
Јовановски побара Советот на Град Скопје да му одобри средства на ЈСП со што ќе се раздолжи кон приватните превозници.
-Тоа не мора да биде целиот долг, ќе го почекаме за 20 дена новиот буџет за да се раздолжи остатокот. Не бараме ништо повеќе, рече тој.