Владата се подготвува да ја распродава македонската почва. Сигурно и фалат пари во државната каса. А штедат ли министрите и нивниот шеф Зоран Заев за да нема „мањак“ на пари потребни за подобро функционирање на општествово? Ги сведуваат ли досегашните трошоци на минимум? Има многу примери на расфрлање големи пари – непотребно.
Еве на пример се даваат многу пари за хонорарни соработници во Владата. Тоа долго време се правело подзаскриено, ама се дозна. И сега Владата се посрамоти и ги крати тие трошоци? Го намалија бројот на хонорарци?
Големо беше незадоволството на јавноста во Македонија кога се дозна за огромниот број на скапи хонорарни работници ангажирани во Владата. Не се прифати такво непотребно расфрлање на пари.
Во декември лани биле ангажирани 58 лица, а во јануари годинава 55 лица за чии услуги месечно се плаќало по околу 37.000 евра од парите на граѓаните. Се дозна и за тоа дека во текот на изминативе две години за ангажирани хонорарци било исплатено околу еден милион евра. Сето ова само се надоврза на исплаќањето на дополнителните 36 советници и надворешни соработници во владиниот кабинет за кои на секој први во месецот одат околу 27.000 евра од владиниот буџет.
Од Владата до сега не најавија дека извршиле намалување на бројот на хонорарците кои се ангажираат за да пишуваат соопштенија од пресови, да прават разни студии, организираат продукција, советуваат за борба против Ковид-19, прават графички дизајн, биваат монтажери… Меѓу нив, видовме, има и такви кои својот луксузен автомобил „волво“ му го даваат на користење на екс-генералниот секретар на Владата и сега притворениот Драги Рашковски…
Колку превработени и измислени работни места има и во министерствата и останатите државни институции во Македонија?
Ајде доста е со плаќање на таквите „ухлебени“ лица од парите кои ги немаме, ама за нив Владата се „снаоѓа“. Секако, или од кредити што народот ќе го враќа или од распродажба на имотот на државата – овој пат почвата. Додуша веројатно и почвата се распродава и за да се враќаат веќе земени кредити со кои не се градеше општеството туку хонорарно-советничката кула која ништо не произведува – само троши.