Собранието на Република Македонија денеска треба да ја продолжи 140. седница. Пратениците вчера во рамки на оваа седница ја почнаа расправата по предлогот за избор на судија на Уставниот суд.
Станува збор за професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Ана Павловска-Данева, да биде нова уставна судијка.
Предлогот Павловска-Данева дојде откако на 24 јануари по речиси една и пол година расправа во Собранието беше повлечен предлогот за доскорешниот републички обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија.
Пратениците, меѓу другите точки од дневниот ред ќе дебатираат по Предлог на законот за изменување на Законот за судска служба, по скратена постапка, Предлог на законот за изменување на Законот за јавнообвинителска служба, по скратена постапка, Предлог на законот за борба со допингот во спортот и негово спречување, по скратена постапка, Предлог на закон за ратификација на измените и дополнувањата на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка (консолидирана верзија), Предлог на одлуката за именување на директор на Агенцијата за квалитет во високото образование, Предлог на одлуката за именување на членови на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Предлог за именување на член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Вчера во рамки на 140.
седница Собранието ги донесе измените на Законот за субвенциониран студентски оброк, измените и дополнувањата на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, а ги изгласа и одлуките за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина и во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“ во Република Либан.