Општина Карпош со субвенции за нови велосипеди, електрични тротинети и за полагање за возачка дозвола

Општина Карпош објави јавен оглас за одобрување субвенции за жителите, за купување нови велосипеди и електрични тротинети, но и за полагање за возачка дозвола. За субвенции за купување нови велосипеди и електрични тротинети, Општината одвои 850.000 денари од својот буџет, додека за полагање за возачка дозвола – 7.000.000 денари.

Инаку, акцијата ќе трае до исцрпување на средствата, функционирајќи според принципот „прв дојден – прв услужен“.

Што се однесува до субвенционирањето за купување нови велосипеди, тоа ќе биде до 30 % од цената на купувањето нов велосипед или, во максимален паричен износ, најмногу до 4.500 денари, додека, пак, за купување нов, електричен тротинет, Општина Карпош ќе субвенционира до 30 % од цената, односно најмногу до 6.000 денари. Право на субвенционирање во оваа акција има секој полнолетен жител на Општина Карпош што ќе купи нов велосипед или електричен тротинет, започнувајќи од 7.2.2024 година.

Што се однесува до субвенционирањето за полагање за возачка дозвола од Б-категорија, таа ќе биде определена според следниве критериуми. Двајца родители со вкупен приход до 80.000 денари добиваат 100 % од износот што се наплаќа за посетување обука за теоретскиот и за практичниот дел; двајца родители со вкупен приход од 80.001 до 100.000 денари добиваат 75 % од износот што се наплаќа за посетување обука за теоретскиот и за практичниот дел; двајца родители со вкупен приход од 100.001 до 120.000 денари добиваат 50 % од износот што се наплаќа за посетување обука за теоретскиот и за практичниот дел и двајца родители со вкупен приход од 120.001 денари добиваат 25 % од износот што се наплаќа за посетување обука за теоретскиот и за практичниот дел. Право на оваа субвенција имаат лицата кои се родени во 2006 година, односно во 2024 година ќе наполнат 18 години, кои мора да се жители на Општина Карпош заедно со своите родители, најмалку три години до денот на поднесување на барањето.

Тие ќе можат да го реализираат полагањето за возачки испит во автошколите: „Смарт“, „Мобилити плус“ – АМСМ, „Бобием“, „Софи скул“, „Тримоски“, „Шкорпион едукација“ и „Автомак Гоце“, кои се избрани преку објавен јавен повик.

Претходна вестПродолжува собраниската расправа за избор на уставен судија
Следна вестУтрово земјотрес во Албанија