Два документарни филмови за џез музиката ќе бидат прикажани денеска во киното „Фросина“, како дел од фестивалската „програма-плус“ на 42. Скопски џез фестивал (СЏФ). Влезот е слободен, а во 20 часот ќе се прикажат: „Арт Пепер: белешки на еден преживеан џезер“ од 1982 во режија на Дон Мекглин и „Музика за црни гулаби“ од 2022 на Јорген Лет и Андреас Кофид.
„Арт Пепер“, како што велат од СЏФ, е еден од најдобрите џез-документарци на сите времиња, за еден од најголемите и најфасцинантните музичари во светот на џезот.
„Музика за црни гулаби“ е синематичен документарен филм којшто ги истражува животите и работниот процес на некои од најреномираните и најплодни светски џез-музичари, како Јакоб Бро, Бил Фризел, Ли Кониц, Пол Мотиан и Мидори Такада.
Скопскиот џез фестивал на 19 октомври го отвораат норвешките џезери Јан Банг и Арве Хенриксен заедно со оркестарот на институтот ФАМЕС, а диригент ќе биде Џијан Емин, кој ги подготви и аранжманите за овој проект наречен „После пожарот“. Истата вечер ќе настапи и ансамблот на американскиот композитор, пејач и поет Бен Ламар Геј.