Со Александар Атанасовски, професор на Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје зборуваме за акутелниот момент врзан за предложениот Нацрт-концепт за промени во основното образование, со кој предметот историја треба да стане историја…
И по сите реакции и забелешки Министерството за образование не го повлекува предложениот концепт за основното образованиетуку продолжува со „јавната расправа“ која треба да трае до 20 јануари. Има ли тогаш ваквата „јавна расправа“ воопшто некоја смисла?
– Т.н. јавна расправа е безпредметна, нема ниту една образовна институција која што се согласи со платформата. На таа т.н. јавна расправа се јавуваат веќе „убедени“ експерти, политички послушници и ја оправдуваат Платформата, а тоа министерката го користи како аргумент дека имало некаква расправа. Расправа за ваква платформа воопшто не треба да има.
Што е тоа што би требало да се направи во оваа фаза кога се виде Нацрт-концептот и се видоа реакциите на институциите?
– Факт е дека треба да се направат реформи во образованието. Но, тоа треба да се направи транспарентно, со консултација на сите институции кои што имаат допирни точки со образование. Од тие институции треба да произлезат предлозите и тие предлози да се усогласат, да се направи финасиски концепт, имаме ли финансиски можности да ја спроведеме реформата, имаме ли кадри за евентуалните нови предмети или не, ако немаме тогаш неможе да има реформи . За успешна реформа се мора да почне од почеток и тоа не се прави набрзина, туку со сеопфатна анализа и вклучување на сите релевантни институции и поединци.
Што доколку Министерството за образование ја заврши „јавната расправа“ и формално-правно го заврши процесот и сси го спроведе замисленото?
– Како што МОН тера инает со институциите ништо не е чудно и да ја усвојат таа Платформа. Тогаш можеме да се опростиме од образовниот систем бидејќи нема да може да функционира. Кој ќе ги предава предложените предмети? Географичар, историчар, социолог, етнолог? Каде ќе најдете стручнак за сите тие фамозни предмети. Ако навистина целиме кон ЕУ, тогаш треба да се огледаме на образовните системи во земјите членки на ЕУ и тоа мнозинството, не само на една земја. Овде станува јасно дека зад сета оваа т.н. реформа се кријат политички позадини. Ако МОН толку многу сака да им угоди на Бугарија и бугарските барања, зошто не го земе бугарскиот концепт за основно образование и предметите што таму се изучуваат, со измена само на јазикот, другите предмети може да се адаптираат на нашите услови и тогаш никој не може да не обвини дека правиме нешто што го нема никаде. Па тие наши деца по завршувањето на осноивното образование може да го продолжат средното образование во некоја земја од ЕУ, како тогаш ќе бидат соодветни на нивните програми? Реформата мора добро да се осмисли и не смее никако да се дозволи истата да се истера на мускули, со притисок и игнорирање на соодветните институции.