Проф. Петрушевски: Ниту еден професор од ПМФ не е консултиран при изработката на образовната реформа

Не стивнуваат реакциите на најавената реформа на основното образование Универзитетски професори од ПМФ денеска за „Скопско ехо“ укажаа дека реформата е лоша. Професорот по хемија др. Владимир Петрушевски ни истакна дека кај министерството отсуствува желба за соработка.

-Ние имаме децениско (лошо) искуство со избрзани и нефункционални реформи. При планирање на реформи во образованието, освен педагози и психолози, мора да се вклучени стручни лица од наставничките факултети и училиштата. За жал, тоа не беше случај. Ниту еден професор од ПМФ не е консултиран при изработката на концепцијава, исто како што сме прескокнувани и во минатото, на пример при воведувањето на т.н. Кембриџ програма. Отсуствува желба за соработка и сослушување на различни мислења. Потврда за ова е нетранспарентноста при организирањето на јавна расправа, на која беа поканети голем број директори и претставници на невладини организации, но ниту еден наставник од основно образование. Немаше можност ниту за дискусија со членовите на работната група во текот на расправата. Освен добра волја, потребни се и докази дека тоа што се прави е добро. Затоа, неопходно е пилотирање, анализа на исходите, подобрување на недостатоците, па дури потоа нејзина целосна имплементација, ни рече Владимир Петрушевски.

Онаку, професорот имаше неодамна и забележителен настап на јавната расправа по прелдожениот Нацрт-концепт за промени одржана во македонскиот парламент.

-Бев против воведување на 9-годишно основно образование, против воведување на Државен испит во високо обраозвание и бев во право. Кога правите нешто треба доволно докази дека е добро не е доволна само добра волја. Ниско е да се повикуваш на мислење само на тројца академици и кое ти оди во прилог. А истовремено да го игнорирате мислењето на 33 академици. Мајка му, зарем претседателот на МАНУ не можевте да го обезбедите. Не сте го поканиле ниту него ниту МАНУ. Хипокризија е кога во исти ситуации се однесувате разлиочно. Кренете раце од оваа работа, ставете ја во мирување, извршете пилот-тестирање на овој модел, порача Петрушевски во својата дискусија на која беше и министерката Царовска.

Инаку, денеска овој професор заедно со проф. д-р Катерина Русевска од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје и проф. д-р Марина Стојановска од Институтот за хемија за „Скопско ехо“ го искажаа и заедничкиот заклучок во врска со најавената реформа: „Интересот на децата не е само подобрување на инклузијата, воведување на сеопфатно сексуално образование, демократизација и човекови права. Има многу повеќе од тоа и некоректно е за сето тоа да даваат ум некомпетентни луѓе, макар биле и (по автоперцепција) најумни на светот“!

Претходна вестКовид – статистика во Скопје: 26 лица со компликации примени во болница за 24 часа
Следна вестПроф. Стојановска: На повидок се големи – големи проблеми во реализација на предложената настава