До 2050 година, населението во Македонија ќе се намали за дополнителни 10,9 отсто, односно во Македонија ќе живеат близу 200.000 луѓе помалку од денес, прогноза е на порталот „Visual Capitalist“, кој се повикува на податоци од Обединетите нации и Светска банка.
Македонија е 18-та на листата од 20 земји со најголем проектиран пад на населението во следните децении. Резултатите од пописот одржан лани есента покажаа дека Македонија загубила преку 185.000 жители во споредба со претходниот попис, одржан 2002 година.
На врвот на оваа листа е Бугарија, чие население се очекува да се намали за 22,5 отсто во следните 28 години и да достигне 5,4 милиони луѓе (пад од 60% од 9 милиони во 1987 г.). Зад неа се Литванија, Летонија, Украина и Србија.
Забележително е што меѓу 20-те земји за кои ОН очекуваат населението најмногу да се намали до 2050 година, се наоѓаат сите земји од регионот Западен Балкан, како и дека повеќето земји на листата се од Европа (исклучок се само Јапонија и Куба).