Протест на вработените во „Македонска пошта“: Не ни требаат 15 подружници, 15 директори, туку вработени во технолошкиот процес

На масовен протест за да го изразат својот револт и загриженост за иднината на претпријатието и за зачувување на своите работни места, излегоа денеска вработените во „Македонска пошта“. Ова државно претпријатие се соочува со финансиска криза и со лоша организација на работењето, што доведе до тотален хаос и до дното на опстојување.

– Се уште немаме земено плата и не знаеме кога ќе земеме плата, оти нема доволно финансиски прилив. „Македонска пошта“ е доведена до состојба на уништување, опстојувањето е под голем знак прашалник и бараме итна средба со новата влада и да ги решиме состојбите. Она што го бараме со години е да се отпочне веднаш и неодложно со новите реформи и целокупна реорганизација. Постапката за систематизација на новите работни места е темел и основа за понатамошна стабилизација и функционирање на друштвото. Во спротивно, 2.000 вработени ќе останеме на улица и ќе бидеме единствен пример во светот државна пошта да не постои, рече синдикалниот лидер Боро Велигденов.

Според вработените, до оваа состојба се дојдени поради лошата кадрова, партиска политика што се случува години наназад.

– Доста е со партизирани, нестручни кадри. Новата влада што ќе дојде „Македонска пошта“ е пред уништување, а опстојувањето е под знак прашалник. Бараме да биде ставена како приоритет, за да се најде решение. Не ни требаат 15 подружници, 15 директори, туку вработени во технолошкиот процес, додаде тој.

.Претставникот на синдикат на „Македонска пошта“ Сашо Димитриевски рече дека имаат информации дека се врши дистрибуција на поштенски пратки од друга држава, што според закон не е дозволиво и побара да се престане со таа пракса.

– Идната влада да преземе мерки и за регулаторното тело Агенција за пошти, кое од нас добива добар прилив за плати, тоа треба да работи според Законот за поштенски услуги. Имаме информации дека во нашата држава се дистрибуираат пратки од соседните земји, што е во спротивност со сите меѓународни прописи за поштенски сообраќај. Агенцијата да преземе одговорност спрема другите оператори кои вршат неконкурентна и нелојална достава на пратки, истакна Сашо Димитриески, повереник во Синдикатот на Македонска пошта.

Вработените најавија штрајк за 7 јуни кога имаат законска можност да го остварат.

Претходна вестСпречен влез на 1,7 тони медикаменти штетни по здравјето на граѓаните
Следна вестОсквернавено срцето со македонското знаме и букви на натписот Гостивар