„Уништивте уште една населба“, „Стоп за нбетонизација“, „Ќе дишеме отров“… беа дел од паролите кои на вчерашниот протест пред општина Аеродром истакнаа жители на населбата Лисиче. До протестот доаѓа откако завчера на седница на Советот беше изгласан ДУП-от за градска четврт ЈИ0901, кој предвидува и висококатница во населбата Лисиче. ДУП-от беше усвоен со 16 гласа „за“ од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, додека 11 советници од СДСМ и „Левица“ гласале против негово усвојување. Граѓаните и порано протестираа со цел да докажат дека не може да се одземат нивните дворови за да се прошират улиците или за друга намена, предвидена со тогаш предложениот ДУП.
Од Иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“ сметаат дека ДУП-от бил донесен на шверцерски начин.
-Не сакаме згради, не сакаме дополнителна урбанизација. Со овој ДУП се отвора пандорината кутија и дополнително ќе се бетонизира населбата, ќе се создаде урбанистички и сообраќаен хаос. Носењето на овој ДУП не е ништо повеќе од тоа дека Советот и градоначалникот се робови на крупниот капитал, кој владее со оваа држава, изјави за Радио МОФ активистот Тодор Кацаров од иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“.
Од Општина Аеродром објаснуваат дека планот предвидува само една зграда, два паркови и решава важни урбанистички и комунални прашања.
-Финалната верзија на урбанистички план е изработена да го унапреди урбаното живеење и да го подобри квалитетот на живот во Аеродром и во истата се инкорпорирани забелешките и мислењата на сите засегнати страни. Со донесувањето на урбанистичкиот план, Општина Аеродром уште еднаш покажа отвореност, транспарентност и грижа за проблемите на граѓаните и истиот отвора можност за понатамошен економски развој на општината. Изработката на деталниот урбанистички се реализираше транспарентно и во неколку фази, со вклученост на граѓаните и експертската јавност. Дополнително, ДУП-от за дел од населбата Лисиче доби позитивно мислење од сите надлежни институции, вклучително Министерството за транспорт и врски, Министерство за животна средина, Градот Скопје и сите надлежни институции, велат од Аеродром.