Вечерва на повик на граѓаните се приклучи и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.
– Неможе Владата и АД Енергетика да го променат снабдувачот со топлинска енергија во Автокоманда без да ги прашаат корисниците. Очекувам да се прифатат барањата на граѓаните и АД Енергетика повторно да биде снабдувач за домаќинствата во Автокоманда, рече градоначалникот пред граѓаните.
ЕСМ Дистрибуција на топлина од денеска ја извршува енергетската дејност дистрибуција на топлина и во населбата Автокоманда, општина Гази Баба согласно одлуката донесена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), претходно информираа од компанијата.
Оваа населба во општина Гази Баба досега се снабдуваше со топлинска енергија од таканаречено „железарско“ парно што речиси десетина години го добиваа од ЕСМ „Енергетика“.
Вчера поголемиот дел од населбата немаше парно греење, а попладнето, по неколку часови млако парно, тоа било исклучено во 22 часот.
Граѓаните се во недоумица како и колкави ќе бидат во иднина сметките за парно со оглед на тоа што досега тоа им се наплатуваше по квадратен метар внатрешна станбена површина. Топлинска енергија имаа 24 часот во денот.